/ Прочитано:

3.321

Пешаците во сообраќајот страдаат поради непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот и поради ниската сообраќајна култура

Наспроти сите сообраќајни правила и прописи и добри практики, РСБСП потенцира дека голем дел од пешаците се однесуваат крајно неодговорно и на тој начин го загрозуваат сопствениот живот и безбедното одвивање на сообраќајот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска информира дека во Македонија околу 25 % од вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди се пешаци. Според РСБСП, изразено во апсолутни бројки, во нашава земја, во просек годишно од 30 до 35 лица пешаци го губат животот во сообраќајни незгоди. Во текот на изминатата година, во сообраќајните незгоди што се случија животот го загубиле 35 пешаци. Половина од нив, односно 17, се на возраст на 65 години.

Прашањето што се наметнува е: Зошто страдаат пешаците во Македонија?

„Една од првите животни и училишни лекции на секој човек е како безбедно да се премине улицата. Но, не научиле сите или барем не го покажуваат тоа во секојдневната пракса“, наведува РСБСП во своето соопштение.

Затоа, РСБСП уште еднаш потсетува на најважните правила кои треба да ги практикуваат пешаците.

– Улицата се преминува исклучиво на пешачки премин откако претходно ќе се уверите дека возилата кои се движат по коловозот можат безбедно да застанат. Важно е да се потенцира дека во сообраќајот не постои апсолутно право на првенство на минување и пешачкиот премин го означува местото каде што се поминува улицата, а моментот на преминување зависи од случувањата во сообраќајот.

– На јавен пат каде што има обележани пешачки премини, пешакот е должен при преминувањето на патот да се движи по тие премини, освен ако тие од него не се оддалечени повеќе од 100 метри.

– На крстосница каде што има светлосни сообраќајни знаци кои го регулираат пешачкиот сообраќај, пешакот е должен да ја премине улицата само кога свети зеленото светло за пешаци.

– Пешакот не смее да се движи или непотребно да се задржува на коловозот, освен во ситуации предвидени со законот. Доколку пешакот се движи по коловозот (во случај каде што нема тротоари или пешачка патека, или е принуден да се движи по коловозот), задолжително треба да се движи што поблиску до работ на коловозот и тоа мошне внимателно и на начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата. Во таков случај, пешаците треба да користат најмногу еден метар широк дел од коловозот, сметано од работ на коловозот.

– На јавен пат каде што има тротоар или друга површина определена за движење на пешаци, односно површина покрај коловозот погодна за движење на пешаци, пешакот е должен да се движи по тие површини.

– Пешакот кој се движи по коловозот на јавен пат надвор од населено место е должен да се движи до левиот раб на коловозот во правецот на движењето. По исклучок, пешакот може да се движи до десниот раб на коловозот само кога таквото движење за него е посигурно (непрегледна кривина, бездна, засек, одрон и слично).

– Пешакот кој турка рачна количка, велосипед, велосипед со помошен мотор, мотоцикл, како и лицата кои се движат со помош на подвижни столови за немоќни лица со брзина не поголема од брзината на човечки од, како и организирана колона пешаци, се движат до десниот раб на коловозот во правецот на движењето.

Сообраќајните правила и прописи се важни, а исто така се важни и добрите навики и корисните практики кои можеби не се предвидени со законот, а кои можат значително да ја подобрат безбедноста на пешаците во сообраќајот. Овде посебно ја истакнуваме потребата за користење на флуоресцентни елечиња и други додатоци кои ја подобруваат видливоста на пешаците, особено во услови на намалена видливост надвор од населени места и во населени места низ кои поминуваат магистрални и регионални патишта, а кои не се доволно осветлени.

Наспроти сите сообраќајни правила и прописи и добри практики, РСБСП потенцира дека голем дел од пешаците се однесуваат крајно неодговорно и на тој начин го загрозуваат сопствениот живот и безбедното одвивање на сообраќајот.

„Секојдневните примери покажуваат дека пешаците ја поминуваат улицата на црвен пешачки семафор, надвор од пешачки премин, без да погледнат лево и десно, се движат помеѓу двете коловозни ленти, го пресекуваат текот на сообраќајот кога ним им одговара и каде што им одговара, непотребно се задржуваат на коловозот, користат мобилни телефони, слушаат музика и не го следат сообраќајот и случувањата во него итн.“, потенцираат од РСБСП.

Од овие причини, како што посочува РСБСП, пешаците се жртви во сообраќајните незгоди токму поради непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот, поради ниската сообраќајна култура и поради лошите навики на однесување во сообраќајот.

А. Б.