/ Прочитано:

978

Пешевски: До јануари нема да има либерализација на пазарот на електрична енергија за компаниите

Вторник, 11 јуни 2013 – До јануари нема да има либерализација на пазарот на електрична енергија за компаниите. Втората фаза е одложена, бидејќи ова прашање е во директна корелација со зголемување на цената на електрична енергија за граѓаните, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

Според Пешевски, Владата нема намера да не ги почитува преземените обврски кон ЕУ, но дека нејзина обврска е да балансира со состојбите заради заштита на интересите на граѓаните.

„Едно се обврските кон Европската унија, но ние пред се имаме обврска кон граѓаните на Република Македонија. Прашањето на либерализација е во директна корелација со зголемувањето на цената на електричната енергија за граѓаните. Со либерализирањето би следело големо зголемување на цената на домаќинствата за можеби сосема мало незначително намалување на цената кај индустриските потрошувачи и компаниите“, рече Пешевски посочувајќи го примерот на Хрватска.

Во врска со вчерашните поплаки на металушрките компании за субвенционирање на струјата и одложување на еколошките стандарди, рече дека ќе бидат разгледани сите нивни барања, но дека „треба да се внимава да не се фаворизира еден сектор пред другите“.