/ Прочитано:

3.605

ПЕТКИ ВО ДНЕВНИК – ЕДИНИЦИ НА ПИСА: Тркалезна маса за подобрување на квалитетот на основното образование

Денеска во организација на Институтот за економски истражувања „Фајнанс тинк“ се одржа тркалезна маса насловена „Петки во дневник – единици на ПИСА: Пет приоритети за подобрување на квалитетот на основното образование“.

Квалитетот на образованието, нагласи на почетокот на денешниот настан Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс тинк“, подразбира и квалитет на животот затоа што развојот на една држава зависи од квалитетот и инвестирањето во образованието. За образованието, пак, најважно е основното образование бидејќи тоа е основа и темел на образовниот процес.

Од тие причини, додаде Петрески, Институтот за економски истражувања „Фајнанс тинк“ се посвети на темата за идентификување и анализа на показателите поврзани со квалитетот на наставниот процес во основното образование во Македонија со давање на конкретни препораки засновани врз докази.

Британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, подвлече дека отворањето на дебатата за подобрување на квалитетот во основното образование има суштинска улога за реформите во образованието и дека во таа насока граѓанскиот сектор има исклучителен придонес.

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска-Треневска, нагласи дека е задоволна од професионалноста на граѓанскиот сектор и солидната подготовка на истражувањето „Од бројки кон практика – идентификување и анализа на показателите поврзани со квалитетот на наставниот процес во основното образование во Македонија“. Она од што не сум задоволна, додаде Десковска, тоа се добиените податоци дека македонските ученици постигнуваат резултати што се под меѓународниот просек и во таа насока, во консултација со невладиниот сектор и наставниците, мора да се направат реформи.

Потребни се, нагласи министерката, измени на закони и подзаконски акти, но и промена на свеста и на пристапот кон учениците кој ќе значи поттикнување на нивната креативност, мотивираност, креативно мислење и критичко размислување. Да ги учиме децата, истакна Дескоска, како да размислуваат, а не што да размислуваат.

На денешниот настан, свои обраќања имаа и едни од авторките на истражувањето  на показателите поврзани со квалитетот на наставниот процес во основното образование во Македонија: Ана Томовска од Универзитет „Американ колеџ“, Ана Мицковска-Ралева од Центарот за истражување и креирање политики и Сузана Черепналковска од гимназијата „Орце Николов“.

Процесот на формално образование, истакнаа авторките на истражувањето,  има цел да ги подготви учениците за нивниот натамошен живот. Поради тоа, често како најважен индикатор за квалитетот на еден образовен систем се сметаат компетенциите што учениците ги здобиваат, или тоа што знаат да го прават на крајот од одредени образовни циклуси.

Во таа насока, авторките образложија дека ПИСА-тестирањето, покрај проценка на компетенциите на учениците, вклучува и испитување на голем број т.н. некогнитивни фактори, кои се потенцијално поврзани со постигнувањата на учениците. Во тој контекст, истражувањето имаше за задача преку регресивна анализа да ги идентификува факторите кои се поврзани со постигнувањата на учениците. Потоа преку теренско истражување да ги испита ставовите на наставниците и на учениците во поглед на факторите што се утврдени како најзначајно поврзани со постигнувањата на учениците на тестирањето на ПИСА 2015 година и да понуди препораки до конкретни чинители во образовниот систем за надминување на проблемите забележани со анализата.

Образовниот систем треба да ги развива критичкото мислење и научниот пристап кон разгледување на информациите кај учениците. Истовремено, тој треба да ги поттикнува мотивацијата за постигнување и внатрешната мотивација кај учениците, да развива кај нив интерес за научно пристапување кон појавите и да ја развива нивната самоефикасност, како и свесноста за околината.

Томовска, Мицковска-Ралева и Черепналковска образложуваат дека тестирањето на ПИСА има за цел да ги утврди компетенциите на 15-годишните ученици по природни науки, математика и јазична писменост и истовремено да утврди кои фактори влијаат предоминантно врз квалитетот на наставата и според тоа, на компетенциите што ги здобиваат учесниците.

Македонските ученици беа вклучени во тестирањето во 2000 година и во 2015 година резултатите од двете мерења укажуваат дека македонските ученици постигнуваат резултати што се под меѓународниот просек. Во 2015 година, од 70 земји во светот, Македонија е рангирана на 67. место во наука и читање и 66. место во математика. Само 1% од учениците имаат одлични постигнувања по најмалку еден предмет, а дури 52.2% имаат лоши постигнувања по сите три предмети.

Ова значи дека учениците во Македонија, за време на нивното основно образование, не се здобиваат со доволно компетенции за да се вклопат во новите економски трендови на т.н. „економија базирана врз знаење“.

„Податоците за ниските постигнувања се особено разочарувачки ако се имаат предвид бројот и обемот на образовни реформи кои се спроведоа во изминатите 15 години, со намера да го подобрат квалитетот на образованието. Општиот впечаток е дека реформите што се спроведуваат вообичаено не се базираат врз систематски прибрани податоци, честопати не се поврзани меѓусебно и не се консултирани со голем дел од чинителите во образовниот систем. На пример, и покрај јавно достапните податоци, на национално ниво досега не беше направена длабинска анализа на резултатите од ПИСА-тестирањето и истражување на факторите што се поврзани со нив“, констатираат Томовска, Мицковска-Ралева и Черепналковска.

Тие посочуваат дека во истражувањето биле користени комбинирани истражувачки техники. Најпрво, за да се добие сеопфатна слика за факторите што се поврзани со постигнувањата на учениците, се пристапи кон анализа на податоците од земјите што имаат највисоки постигнувања и од земјите што имаат најниски постигнувања на ПИСА 2015 година во доменот научна писменост.

Биле изработени три регресивни равенки, првата за земјите со најдобри постигнувања (Сингапур, Јапонија, Естонија, Финска и Канада), втората за земјите со најслаби постигнувања (Тунис, Република Македонија, Косово, Алжир и Доминиканска Република) и третата само за податоците од Република Македонија.

Потоа податоците собрани преку теренско анкетно истражување на 248 наставници од 10 училишта и 12 фокус-групи со ученици од деветто одделение биле анализирани преку дескриптивна и корелациска анализа и квалитативна анализа на содржината.

„Само еден од четири ученици во Македонија има компетенции што се неопходни за разбирање, спроведување и проценување на научно истражување. Овој податок укажува на тоа дека образовниот систем недоволно ги развива критичкото мислење и научниот пристап во разгледување на информациите од страна на учениците. Учениците не ги перципираат наставните содржини како соодветно поврзани со секојдневниот живот и применливи. Користењето методи на дискусија, дебата и слични методи што поттикнуваат развивање критичко мислење води кон подобри постигнувања на учениците. Сепак, резултатите упатуваат и на фактот дека треба да се внимава при употребата на експерименти и на истражувачки методи во наставата, бидејќи нивната несоодветна примена може да е негативно поврзана со постигнувањата на учениците. Конкретно, не е доволно учениците да сведочат за спроведување на експериментот, туку треба да разберат зошто се спроведува, да изведат заклучоци од постапката и да бидат во состојба да дискутираат за резултатите“, беше истакнато на денешната тркалезна маса.

Во училиштата во Македонија, беше нагласено на тркалезната маса, сѐ уште доминантно се користени традиционалните методи на настава, каде што наставникот е пренесувач на знаењето, а учениците се пасивни приматели, при што наставниците најчесто од учениците очекуваат репродукција на знаење.

Во текот на наставата, треба да се користат методи што стимулираат дискусии, развој на концепти и на идеи, треба да се користат нагледни средства за демонстрирање на функционирањето на природните појави и да постои постојана проверка дали и колку учениците го разбрале материјалот. Наставните методи, исто така, треба да поттикнуваат критичко размислување и поврзување на сознанијата со реалниот живот, а методите на оценување да ја проверуваат усвоеноста на компетенциите за критичко и креативно размислување.

„Потребно е ревидирање на наставните програми. Тие би требало да водат грижа за обемноста на предвидениот материјал и да содржат и аспекти на приспособување на содржините на ученици со различни образовни потреби. Потребна е анализа на учебниците од аспект на поврзаноста на содржините со целите поставени во наставните програми. Наставниците имаат потреба и од дополнителни материјали и прирачници кои би можеле да ги употребуваат за да ги постигнат целите на наставата. За постигнување на високи резултати, особено е значајно да се одржува висока внатрешна мотивација за учење. Сепак, резултатите покажуваат дека мотивацијата на учениците во училиштата во Македонија во најголем степен е инструментална и речиси сите се согласуваат дека учат поради оценките, поради тоа што родителите покажуваат голем интерес за постигнатите оценки, а не за здобиените знаења“, се вели во истражувањето на Институтот за економски истражувања „Фајнанс тинк“.

При развивањето на образовните реформи, додаваат авторките на истражувањето,  треба да се води грижа тие да се насочени кон развивање внатрешна мотивација за учење, т.е. „учење заради знаење“ наспроти „учење заради оценка“. Наставниците најкритички се изјаснуваат за можноста да влијаат врз реформите на наставните програми. Над половина од наставниците сметаат дека се соодветно обучени за реализација на новите програми.

Потребно е поголемо вклучување на училишниот кадар во процесот на креирање образовна политика и нивно учество во донесувањето одлуки што се однесуваат на иновации во наставата, но и дополнителни обуки од различни области.

На денешниот настан говореше и Бранимир Јовановиќ од Министерството за финансии, кој нагласи дека земјите што повеќе вложуваат во образованието имаат и поквалитетно образование, но и дека постојат земји кои не одделуваат толку, но одржуваат квалитет на образованието. Тоа се должи, рече Јовановиќ, на неефикасноста на трошењето, како што е примерот со Македонија, што значи дека парите се трошат на работи кои не го подобруваат квалитетот на образованието.

М.В