Државниот инспекторат за локална самоуправа денеска ќе спроведе вонредна инспекција во Општина Центар

Петок, 14 јуни 2013 – Државниот инспекторат за локална самоуправа (ДИЛС) денеска попладне ќе спроведе вонредна инспекција во Oпштина Центар. Цел на инспекција ќе биде работата на Советот на општина Центар и начинот на донесување на одлуки во Oпштината која од пред месец дена ја раководи Андреј Жерновски, објавува Нетпрес.  

Контролата од Инспекторот доаѓа по низата Предлог-одлуки на градоначалникот Жерновски и Советот на општината кои привлекоа големо внимание во јавноста,  а дел од нив беа повод и за масовни протести пред општина Центар. Инаку, советничката група на ВМРО ДПМНЕ во општина Центар вчера поднесе претставка до ДИЛС поради нарушување на процедурата од претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ.

Ќе се гради градинката во Kапиштец, а одлуките за поништување на четири детални урбанистички план за центарот на Скопје ќе се носат на некоја следна седница – одлучија вчера членовите на Советот на Општина Центар. Седницата се одржа мирно и без тензии, а пред Општината немаше протести од незадоволни граѓани. За градинката, која ќе се гради на улицата „Kозара“ на местото на постојниот објект, има готов проект кој веќе поминал ревизија. Новиот објект ќе биде од монтажен тип.

Претходните две седници поминаа во знак на бурните и насилни протести на граѓанската иницијатива „Веритас“, која во намерата да се стават надвор од сила урбанистичките планови виде опасност од уривање на црквата „Свети Kонстантин и Елена“ која е во изградба.