/ Прочитано:

4.692

Писателскиот збор на вистината посилен од судскиот збор на лагата – писателот Емил Зола и неговиот напис „Обвинувам“

На денешен ден во 1898 година познатиот француски писател Емил Зола (1840 – 1902) во парискиот весник „Аурора“ го објавил написот „Обвинувам“ со кој ја обелоденил аферата „Драјфус“.

akad 2

Во својот напис Зола жестоко ги обвинил француската влада и судството за монтирање на судскиот процес, за незаконитост, корумпираност и дискриминација, барајќи од француските власти ревизија на целокупниот процес во кој, иако бил невин, бил осуден воениот офицер Алфред Драјфус.

Преку таа општествена акција за одбрана на Драјфус, Зола останува пример за моќта на писателскиот збор во креирањето на јавното мислење и, што е најважно, во креирањето на казнената политика во согласност со начелата на правната држава. Зола успеал да отвори јавна дебата за човековите права и да помогне во ослободувањето на бесправно осудениот офицер на Француската армија.

Според историските податоци, Алфред Драјфус бил капетан со еврејско потекло, кој бил осуден за наводна шпионажа и за одавање податоци во полза на Германија, поради што добива казна – доживотна робија. Како што се наведува во обвинението, тајните француски служби откриле евидентирана тајна документација која „извесен чиновник“ сакал да им ја „продаде“ на Германците. Обвинителскиот прст го посочил капетанот Алфред Драјфус како извршител на овој чин.

Драјфус, иако бил невин и немал никаква поврзаност со обвинението, бил изведен пред воен суд и бил прогласен за виновен врз основа на измислени обвиненија. По пресудата, Драјфус бил затворен на Пеколниот Остров близу Француска Гвајана.

Адвокатот на Драјфус разговарал со Зола и му ја објаснил целата кривичноправна конструкција на случајот. Изненаден и инспириран од вистината за случајот и нанесената неправда, славниот писател  го објавил  познатото отворено писмо со наслов „Обвинувам“ на насловната страница од весникот „Аурора“ и со тоа ја започнал жестоката кампања за ревизија на процесот.

„Во овој историски памфлет, кој означи капитален настан во историјата на европските идеи, Зола жолчно го нападна кршењето на законитоста, обвинувајќи ги отворено виновниците меѓу членовите на Генералштабот. Овој памфлет ја крева интелектуална Франција на нозе и ја предизвикува судбинската поделба. Во францускиот парламент пресудно се расправа за овој напис. ‘Демократијата или ќе биде или не ќе биде’, станува судбинска дилема“, пишува академикот Луан Старова во книгата „Предавството на интелектуалците на Жилиен Бенда“.

Набрзо по објавувањето на написот, Зола бил осуден на една година затвор и на казна од три илјади франци, но по совет на неговиот адвокат ја напуштил Франција и отишол во Англија, останувајќи таму единаесет месеци. Сепак, неговата кауза ја постигнала целта. Судската постапка била обновена и Драјфус бил помилуван.

М.В