/ Прочитано:

1.192

Писмената исповед на хашкиот судија бивалентна: клевета во теорија на заговор или лобирање спроти изборите на претседател на Хашкиот трибунал

Кулоарите на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг добија нов повод за разжештена дискусија: минатонеделната писмена исповед на данскиот судија Фредерик Харох изнесе на виделина цврсти сомнежи дека скорашните ослободителни пресуди за поранешните команданти инволвирани во југословенските конфликти се донесени под сериозен политички притисок. Судот нема официјален став за случајот. Проф. д-р Билјана Ванковска, застапник на иницијативата за помирување на Балканот, РЕКОМ, вели дека на писмото на Хархоф може да се гледа како на потврда на сите досегашни критики упатувани на адресата на Меѓународниот кривичен суд.

Претставникот за односи со јавноста на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, Магдалена Спалинска, за „Академик“ изјави дека Судот нема став во врска со случајот. Драган Гоџо, пак, адвокатот што ја застапуваше одбраната на Љубе Бошкоски — тогаш обвинет за убиство, за безобѕирно разурнување населени места, како и за сурово постапување — повикувајќи се на своето искуство, во разговор со „Академик“ изнесе дека предметот што го водел пред Хашкиот трибунал не оддал знаци на политичко влијание. Ова, пред сѐ, се однесува на начинот на којшто се воделе главните претреси, но истакна дека адвокатскиот тим на обвинетите упатил доста забелешки во врска со постапувањето на тамошното обвинителство во гонењето на обвинетите и, воопшто, за одлуките на Судот кои лица треба да се гонат, што, според него, во извесна мера може да подлежи на сериозно политичко влијание.

Формите на политичко влијание увидени од страна на Хархоф како никогаш досега го соочиле со голема професионална и морална дилема. Најлошото, според него, е што некои негови колеги се подложиле на кусоглед политички притисок, којшто целосно ја менува работата на неговото служење на мудроста и на правото. Ваквиот став најотворено е насочен кон претседателот на Трибуналот, Американецот Теодор Мерон, за кого во писмото се вели оти директно вршел притисок врз судиите да донесат ослободителни пресуди. Како главна причина за тоа се наведува загриженоста на државите како САД и Израел за широкото толкување на командата одговорност, коешто може да биде опасно, меѓу другото, и за нивниот воен врв. Дали американските или израелските функционери извршиле притисок врз американскиот судија-претседавач, вели Хархоф, веројатно никогаш нема да се дознае.

Лука Мишетиќ, адвокатот на одбраната на Готовина, во јавен коментар изнесе остра критика за потегот на Хархоф, нагласувајќи дека не станува збор за ништо друго освен за клевета и за заговор.

„Проблематично ми е тоа што на оваа работа може да се гледа како на скандал, без разлика на тоа дали Хархофовите обвинувања се основани или не. Ако нешто не е основано, всушност, не е скандал, туку чиста клевета. Писмото на Хархоф е неконзистентно во своите искази за политичкото влијание од американска страна и во голема мера е одраз на конспиративно становиште нијансирано со антисемитизам, што е крајно дрско ако се има предвид дека не нуди докази за изнесеното. Хархоф треба да се потсети на старата поговорка дека ако кон некого покажеш со прст и го обвинуваш, не заборавај дека има уште три што покажуваат назад во тебе.“

Застапникот на иницијативата за помирување на Балканот (РЕКОМ), проф. д-р Билјана Ванковска, вели дека на писмото на Хархоф може да се гледа како на потврда на сите досегашни критики упатувани на адресата на Меѓународниот кривичен суд.

„Со своето писмо, судијата ги потврдува проблемите што го поткопуваат начинот на спроведување на судските постапки, како и на процесот на одлучување, што е сосема контрапродуктивно за институцијата, и тоа не во смисла на нарушување на нејзината репутација. Напротив, ова покажува оти Судот не ја убедил јавноста дека е постигната неговата главна цел: соочувањето на балканските народи со своето минато. Писмото, како и претходно изречените ослободителни пресуди, всушност, доаѓа во екот на судењето на најголемите ‘ѕверки’, покажувајќи дека ако од него произлезат казнени пресуди, тие сериозно ќе влијаат врз начинот на којшто големите сили моментно војуваат и дека, всушност, во голема мера ќе ги детерминираат правилата на војување низ светот“, посочува Ванковска.

Хархоф заклучува во своето писмо дека повеќето случаи во иднината ќе завршат со ослободителни пресуди, по што американските и израелските воени челници ќе можат да здивнат. Ако се земе предвид комплексноста на воените конфликти низ светот, едно од прашањата што во упатените кругови моментно наголемо се наметнува како предмет на дискусија и дополнително ја проширува проблематиката, е дали политичките притисоци се јавувале само во Судот за поранешна Југославија, или, пак, биле застапени и во Меѓународниот кривичен суд за Руанда. Одговорот на оваа недоумица останува мислена именка во еднаква мера како и претпоставката на угледниот весник „Њујорк тајмс“ оти писмото на Хархоф е објавено во функција на политички инструмент за лобирање спроти изборите на претседател на Судот закажани наесен.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 18.6.2013