/ Прочитано:

920

Планот за борба против корупцијата презентиран во УЈП

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, и заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, одржаа работен состанок, на кој се разговараше за улогата на УЈП во спречувањето на затајување данок и корупција, преку зајакнатите контролни механизми.

Вицепремиерот Николовски ги презентираше мерките од Планот за борба против корупција, со посебен акцент на мерките со кои преку дигитализација се елиминира човечкиот фактор и субјективноста при реализација на контролите.

„Со активно вклучување на сите надлежни институции ќе имаме и позитивни резултати во исполнување на мерките од усвоениот План за борба против корупција, ќе покажеме дека со системски мерки и неселективност во постапките може да се спречат корупцијата и даночното затајување. Дигитализацијата и елиминирањето на човечкиот фактор при контролите, при издавањето на документите, се само дел од механизмите за спречување корупција. Планот за борба против корупција содржи 18 системски мерки со кои влегуваме во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа“, посочи вицепремиерот Николовски.

Директорката на УЈП ги презентираше механизмите и системите во делот на контролите што се во надлежност на Управата и истакна дека УЈП како институција, во согласност со надлежностите и капацитетите со кои располага, е особено важна алка во процесот на детектирање и рано откривање на незаконитото однесување и постапување на даночните обврзници. На состанокот беше презентиран начинот на функционирање на софтверот за евалуација на ризици, кој овозможува електронска селекција на даночни обврзници за контрола врз основа на однапред утврдени интегрирани критериуми за ризик, при што се овозможува елиминација на човечкиот фактор при избор на даночните обврзници за контрола. Исто така, беше презентиран и системот за електронско следење на системите за игри на среќа, начинот на вршење на даночните контроли од страна на даночните инспекторати, и начините на откривање на коруптивни однесувања на вработените во УЈП.

Во рамките на оваа средба се одржа и работен состанок со началниците на регионалните дирекции на УЈП, на којшто се разговараше за нивната работа на терен и за нивните предлози во делот на контролите и подигањето на јавната свест за користа од редовното плаќање на даноците кон државата“, соопштуваат од УЈП.

М.В