/ Прочитано:

617

Планови на МОН за потребните мерки за заштита во врска со повторното отворање на училиштата

„Владата ги прифати одделните планови за одржување на наставата во основното и средното образование согласно одлуките на Министерството за образование и наука (МОН) со повторно отворање на училиштата во учебната 2021/2022 година.

Оваа одлука на Владата го зема предвид укажувањето на МОН дека училиштето е од суштинско значење за образованието и благосостојбата на децата и учениците и дека одлуката за повторно отворање на училиштата се направи по претходна општа проценка на ризиците, при што се земаа предвид епидемиолошките фактори, степенот на вакцинација на наставниот кадар, образовниот систем, здравствениот систем и капацитетот на јавното здравство, ангажманот на заедницата и државниот капацитет за одржување на социјална и економска поддршка на најранливите.

Плановите на Министерството за образование и наука (МОН) за започнување на учебната 2021/2022 година се базираат на потребата да се добијат максимални придобивки за учениците, наставниците и вработените во училиштата и пошироката заедница, а воедно да не дојде до повторно ширење на КОВИД-19 во нашата држава, имајќи предвид дека едно од основните човекови права покрај образованието е и правото на здравје.

Плановите ги објаснуваат чекорите кои треба да ги преземат основните и средните училишта за да ги обезбедат потребните мерки за заштита и со тоа да го намалат ризикот од ширење на корона вирусот, кои се сообразени со Протоколите за постапување на основните и на средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2021/2022 година“, соопштуваат од Владата.

М.В