Платата во плико – најзастапена кај примателите на минимална плата

„Фајнанс тинк“ започнува со објавување на публикацијата „Квалитет на животот во Македонија“. Целта на публикацијата е да стават под светло податоци за различни аспекти на квалитетот на животот: доходот, вработувањето, образованието, здравјето, животната средина, инклузијата и сл. Секој број е тематски. Темата на првиот број е „Плата во плико“.

Според податоците, 17.8% од работниците во Македонија кои имаат формален договор за вработување, добиле плата во плико во 2017 година. Примателите на минимална плата се најпогодени од феноменот „плата во плико“: 62% од работниците осигурени на минимална плата добиле и плата во плико, која изнесувала речиси исто колку и минималната плата (91%). Платата во плико е најзастапена кај мајсторите од различен вид и кај работниците во текстилната индустрија и е незначајно позастапена и поголема за жените. Најмногу работници примаат плата во плико во Пелагонискиот регион, но платата во плико е најголема (во однос на формалната плата) во Скопскиот регион.

За првпат во Македонија, „Фајнанс тинк“ презентира податоци за феноменот на исплата на дел од платите на работниците во готовина, со цел да се заштеди на формалните давачки кон државата. „Плата во плико“, појаснуваат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“,  е плата исплатена во готовина врз основа на неформален (незаконски) устен договор помеѓу работникот и работодавецот.

Со „платата во плико“, работодавците заштедуваат во износот на даноци и социјални придонеси што го плаќаат на државата. За работниците, ова е начин на неправедно плаќање и намалување на обемот на нивното социјално, здравствено и пензиско осигурување, како и вештачко намалување на кредитната способност.

„Платата во плико е најзастапена кај примателите на минимална плата. 62% од работниците осигурени на минимална плата добиваат и плата во плико. Притоа, во просек, платата во плико изнесува речиси исто колку и формалната плата на сметка (91%). Ова укажува дека постојат сектори и занимања во кои постои тенденција договорот за вработување да се склучи на минималната плата, со истовремен неформален договор, остатокот од платата да се добива во готовина. За формални плати над минималната плата, процентот на приматели на плата во плико драстично се намалува“, велат од „Фајнанс тинк“.

Според податоците, платата во плико е најзастапена кај мајсторите од различен вид 23.2%. кај Мајсторите во металната, машинската, текстилната и прехранбената струка, како и 21.5% од работниците во услужните дејности, примаат плата во плико. Таа плата е во просек една третина од нивната формална плата. Ваквиот наод е во линија со застапеноста на минималната плата кај овие занимања. До сличен заклучок се доаѓа ако платата во плико се набљудува низ призма на секторите на дејствување.

Платата во плико е најзастапена кај работниците во градежништвото (мајсторите) со 28%. Притоа, платата во плико изнесува речиси половина од нивната формална плата. Потоа следуваат работници во услужните сектори. Податоците покажуваат дека, наспроти очекувањата, платата во плико не е карактеристична за одредена возраст или пол. Сепак, незначајна поголема застапеност и висина на плата во плико се забележуваат кај жените.

Како до намалување и искоренување на проблемот?

Проблемот на плата во плико бара долгорочен напор насочен кон градење на т.н. општествен договор помеѓу државата, работодавците и работниците. Мерките за намалување и искоренување на платата во плико може грубо да се класифицираат во две групи: 1) казнивост и 2) мотивација и едукација. Втората група може да даде поголеми резултати.

М.В