/ Прочитано:

1.064

Платформата за родова еднаквост упати отворено писмо до Собранието на РМ

Платформата за родова еднаквост преку отворено писмо упатено до Собранието на Република Македонија го поздравува отворањето на прашањето за измени на Законот за работни односи, кој во голема мера третира прашања од интерес за правата и статусот на жените и родовата рамноправност. Во писмото изразуваат задоволство од отвореноста на Собранието да дискутира за потребата од законски измени поттикнати од граѓански иницијативи. Сепак, како што нагласуваат граѓанските организации од Платформата за родова еднаквост, со денешното писмо сакаат да укажат на неколку аспекти кои, како што велат, се од суштинско значење за демократските процеси, начинот на креирање политики и носење одлуки.

Платформата за родова еднаквост, во која членуваат 22 организации и мрежи, денеска преку отворено писмо упатено до Собранието на Република Македонија го поздравува отворањето на прашањето за измени на Законот за работни односи, кој во голема мера третира прашања од интерес за правата и статусот на жените и родовата рамноправност.

Во писмото изразуваат задоволство од отвореноста на Собранието да дискутира за потребата од законски измени поттикнати од граѓански иницијативи.

Сепак, како што нагласуваат граѓанските организации од Платформата за родова еднаквост, со денешното писмо сакаат да укажат на неколку аспекти кои, како што велат, се од суштинско значење за демократските процеси, начинот на креирање политики и носење одлуки.

Во продолжение ви го пренесуваме писмото во целост

Најпрво, бараме почитување на законски пропишаните процедури  за прифаќање и разгледување на граѓански иницијативи кои се однесуваат на измени на закони. Според член 67 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, Парламентот е надлежен да ја утврди, пред сѐ, уредноста на поднесената иницијатива без да навлегува во материјална расправа за неа. Сметаме дека од формално-правен аспект, овој член не се почитува во целост во расправите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците (одржана на 6.6.2017) и Законодавно-правната комисија (одржана на 7.6.2017) поради навлегување во материјална расправа која понатаму доведе до реакции во јавноста на различни засегнати страни. Доколку се навлегува во материјална расправа на предложената инцијатива, тогаш не смее да отсуствува расправа, пред сè, во дел од комисиите кои се појавуваат како матични за дадената проблематика. Почитувањето на пропишаните законски процедури од сите надлежни органи и институции е исклучително важно поради обезбедување на партиципативност на сите засегнати страни и транспарентност на процесот на носење на одлуките кои гарантираат подобри законски решенија.

Дополнително, сакаме да нагласиме дека материјалната расправа за прашањето кое го третира граѓанската иницијатива не смее да се одвива во услови на неформирани работни тела во чија надлежност се законите кои ги уредуваат прашањата на отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство. Бараме во најбрз можен рок да се формираат сите работни тела, особено Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со паритетно учество на пратеници и пратенички (сооднос 50/50%), каде што ќе може да се отвори широка дебата за унапредување на законите кои ги уредуваат прашањата на отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство.

Истовремено сакаме да истакнеме дека при носењето на законски решенија кои ги уредуваат овие прашања треба да се почитуваат генералните принципи поврзани со европските директиви за недискриминација и родова еднаквост, како и предизвиците на македонскиот контекст.

На крајот, бараме од Собранието на Република Македонија при измени или носење на законски решенија кои задираат во правата на жените и родовата рамноправност задолжително тие да се разгледуваат од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со гарантирано учество на експертите и граѓанските организации кои работат на овие прашања. Притоа, одлуките треба да се носат врз основа на аргументирани анализи и исцрпни дебати кои ќе водат кон најсоодветни законски решенија во корист на граѓанките и граѓаните, а соодветствуваат на комплексноста на материјата која ја регулираат законите.

Очекуваме дека овие наши барања ќе бидат земени предвид и дека Платформата за родова еднаквост, како консултативен механизам со граѓанските организации, ќе биде активно вклучена во расправите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и сите собраниски расправи поврзани со менување или носење на нови законски решенија и политики кои ги засегаат женските права и родовата рамноправност.

Организации членки на Платформата за родова еднаквост:

  1. „Tiiiit! Inc.“
  2. „Бори се женски“
  3. Женска граѓанска иницијатива АНТИКО
  4. Здружение „Женски форум“
  5. Здружение за еднакви можности „Семпер“
  6. Здружение за локален рурален развој
  7. Здружение за унапредување на родовата еднаквост „Акција здруженска“
  8. Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените
  9. Институт за општествени и хуманистички науки
  10. Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
  11. „ЛезФем“
  12. Мрежа за заштита од дискриминација
  13. Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство
  14. Национален совет за родова рамноправност
  15. Организација на жени на град Скопје (ОЖС)
  16. Организација на жените на општина Свети Николе
  17. Организација на жените „Кумановка“
  18. Реактор – „Истражување во акција“
  19. ТАКТ
  20. Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
  21. Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
  22. Хуманитарно здружение „Мајка“