/ Прочитано:

1.567

ПЛЕНУМИЗАЦИЈА НА ЦИВИЛНОТО ОПШТЕСТВО: „Студентите се дијалектичката алка за напредок во општеството“ – доц. д-р Ненад Марковиќ

Студентскиот пленум при Правниот факултет „Јустинијан Први“, со поддршка од дел од професорите, денеска започна со предавања посветени на теми кои се особено актуелни и кои се неопходен дел за елаборација на суштинските прашања за високото образование, како придонес кон негово осовременување и подобрување. Предавањата се отворија со првото денешно предавање на доц. д-р Ненад Марковиќ кој говореше на тема „Пленумизација на цивилното општество“.

Предавањето на Д-р Ненад Марковиќ се фокусираше на аспектите на цивилното општество и на појавата на Студентскиот пленум како препознатлив и изворен активизам на идејата и борбата за подобро високо образование, кој токму во себе го носи супстратот на, како што подвлече професорот, активизмот на цивилното општество.

„Студентите се дијалектичката алка за напредок во општеството“, нагласи Марковиќ, притоа осврнувајќи се и на историските паралели на студентските протести во Македонија за кои постоеле различни иницијални фактори. Марковиќ посочи дека оние коишто учествувале во тие протести, а кои патем и политички профитирале од нив, денес најмалку имаат право да укажуваат дали е исправно она што го прават студентите.

Тој укажа на двата екстрема од историската опсервација на македонското општество – од состојба на либерализација до состојба на хиперрегулација, притоа анализирајќи ги политиколошки и историски процесите на развој на цивилното општество, но анализирајќи ја и политичката култура која од многу причини е проблематична во македонскиот политички и социолошки амбиент. Нагласи дека денес и во светски рамки постои криза на претставничката демократија.

„Тоа што ни се случува е прашање на политичка култура која кај нас не е променета 25 години. Токму тоа доведе до оваа ситуација. Сега имаме поделено општество на верски, религиозен план, но и на политички план“, рече Марковиќ.

Според Марковиќ, во Македонија денес постои состојба на хиперрегулација во општеството. Тоа е состојба во која во законодавството постои хиперпродукција на норми и казни, а таквата „инфлација на норми и казни“ е контрапродуктивна, што се докажува и со законското решение за кое се побунија студентите и кои формираа, како што подвлече Д-р Марковиќ, засебен и независен контрапункт.

„Студентите се контрапункт. Тие се тој компензирачки фактор што недостасуваше во македонското општество“, потенцираше Марковиќ, додавајќи дека активностите на Студентскиот пленум се во функција на активизмот на цивилното општество, особено во насока на поставеноста на цивилното општество спрема државата.

Марковиќ посочи дека студентите се особено заслужни бидејќи практично застанале во одбрана на професорите и дека бил позитивно изненаден од остварувањето на нивната кауза. Тој рече дека бил под големи импресии кога во автономната зона на Филозофскиот факултет можел да ја почувствува енергијата на студентите кои достојно ги бранат принципите на цивилното општество.

„Мора да се избрка државата од она што сметаш дека е твоја автономна зона“, нагласи Марковиќ, притоа советувајќи ги студентите дека мора да бидат солидарни и дека она што најмалку му треба на Студентскиот пленум се суетата и поделбите.

По излагањето на доц. д-р Ненад Марковиќ, токму прашањето за единството на Студентскиот пленум беше централна дискусија во полниот амфитеатар.

Студентите заклучија дека само единството и исполнувањето на зададената цел може да го одржи интегритетот на Пленумот. Во дискусијата се вклучи и Илија Манасиев, асистент на Правниот факултет, кој упати совет до студентите дека секогаш треба да ја гледаат целта за да го постигнат она за што се организирале и се формирале и во својата мисија да зададат уште повеќе вредности што ќе бидат вистинска одлика за нив како прогресивно движење.

„Мора да се оди чекор по чекор и секогаш мора да се мисли на она за кое, впрочем, и се организираа самите студенти и за кое протестираат. Не треба Пленумот да се претвори во она против што впрочем и се протестира. Само така може да се одговори на опасностите од дезинтеграција на хоризонталниот концепт на Пленумот, опасностите од поделби и политизации“, заклучија студентите на предавањето на  доц. д-р Ненад Марковиќ.

„Пленумот може да има повеќе фракции и различни идеологии, но ако вашата цел е да гопромените Законот за високо образование, тогаш менувајте го“, нагласи тој, поддржувајќи ги пленумци да го повратат дијалогот со институциите.

„Пленумите се џебови на слободата, мали зони кои ја буткаат од себе државата за да ја принудат да се корегира“, заклучи Доц. д-р Ненад Марковиќ, порачувајќи им на студентите дека треба да се држат до својата примарна цел поради која се формирани.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

16.02.2015