/ Прочитано:

1.350

„Пливалиште“: 3 години затвор за првообвинетиот, другите двајца обвинети се ослободени од обвинение

Четврток, 15 септември 2012 – Основниот суд во Струга го прогласи за виновен 32-годишниот Цвете Вранишкоски за несреќата што се случи пред 2 години на летниот шанк „Пливалиште“ во која загинаа тројца стружани. Вранишкоски кој е еден од тројцата сопственици е осуден на затворска казна во времетраење од 3 години.

Поради немање на материјални докази, второобвинетиот во овој случај Климе Миладиноски и третообвинетиот Гоце Јанески се ослободени од обвинението. 

Со денешната пресуда заврши судскиот процес за трагичната смрт на лекарите Јосиф Докоски и Кире Ѓоргоноски, како и Јонче Кувенџиески кои на 11 септември 2010 година  ги загубија животите како последица на струен удар на отворениот шанк.

Според информациите дадени веднаш по несреќата, кобниот ден околу 14 часот, еден од починатите се упатил кон езерото во близина на шанкот и платформата. Откако не се вратил, по него се упатиле и неговите пријатели кои исто така според обдукцијата починале како последица на електричен удар.Тројцата за последен пат биле видени како играат карти на шанкот „Пливалиште“.

Со првиот судски процес што стартуваше на 18 април, pрвообвинетиот Вранишкоски доби затворска казна од 4 години, второобвинетиот Миладиноски 3 години казна затвор и третообвинетиот Јанески затворска казна од 3 години и 4 месеци.  Ваквата пресуда одбраната ја обжали, по што Апелациониот суд во Битола повторно го врати случајот во Основниот суд во Струга. Повторното судење започна на 10 февруари годинава.

Фото: Ohridnews.com