/ Прочитано:

1.370

По иницијатива поддржана од над 30 автошколи, Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 244 ставовите 3 и 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Иницијативата е поднесена од Здружението на основачи на автошколи и инструктори „Национален европски возач“  и поддржана од 31 автошкола.

Според оспорениот член 244 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, основачот, сопственикот, одговорното лице, раководителот, контролорот, претседателот и членовите на комисијата за полагање на возачкиот испит вработени во испитниот центар не смеат да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар, доколку тие, нивните сопружници и членовите на нивните семејства по права линија до прв степен, се основачи, сопственици или вработени во автошкола, односно подружница која врши оспособување на кандидати за возачи на подрачјето на кое испитниот центар е овластен да врши работи на организирање и спроведување на возачки испит.

Според ставот 4 на истиот член, посочените лица потпишуваат изјава за непостоење на судир на интереси заверена на нотар која претставува дел од досието во испитниот центар.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 244 став 3 од Законот, противуставно се вршела забрана – ограничување на граѓаните за вршење на работа и слободен избор на вработување и не им било достапно секое работно место, како што тоа било предвидено со членот 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, според кои секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

„Во ситуација кога полагањето на возачкиот испит се врши на начин и под строго определени законски услови, со снимање на испитите, со надзор и контрола од страна на Министерството за внатрешни работи, се поставува прашање дали ограничувачкиот опфат на лицата кои во исто време не можат да бидат основачи или вработени во автошколата и во испитниот центар, и тоа врз основа на нивните семејни и роднински врски, а не базирано врз принципот на стручност и компетентност, има основано оправдување, односно дали со прецизното пропишување на начинот и условите за спроведување на возачкиот испит, законодавецот всушност обезбедил доволно гаранции за стручно и објективно спроведување на испитот, па оспорената ограничувачка регулатива е прекумерна и непропорционална на целта која сака да се постигне. Дали таквата регулатива го повредува правото на работа (член 32 ставови 1 и 2 од Уставот) и слободата на пазарот и претприемништвото (член 55 став 1 од Уставот), имајќи во вид дека значи забрана за истовремено основање и сопственост на различни правни лица кои вршат дејност во сферата на обука и полагање на возачки испит, односно на прашања поврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Дополнително, може да се постави и прашањето за тоа дали оспорениот член 244 став 3 го задоволува критериумот за јасна и прецизна одредба, како елемент на владеењето на правото. Ова од причини што владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, подразбира обврска за законодавецот да пропишува јасни и недвосмислени одредби (норми) кои подеднакво важат и се применуваат без дилема за сите лица на кои се однесуваат.

Меѓутоа, во конкретниот случај се поставува прашање: што се подразбира под: „не смеат да ги извршуваат своите работни задачи во испитниот центар“, како што стои во оспорениот член 244 став 3 од Законот, во смисла дали станува збор за институтот изземање во дадена ситуација или станува збор за генерална забрана за вршење на функцијата под тие околности, што би значело евентуален престанок на работниот однос, односно пречка за засновање на работен однос. Исто така, не е јасно кои се работните задачи во испитниот центар на основачот, сопственикот и одговорното лице кои тие не смеат да ги извршуваат во дадените околности, особено имајќи предвид дека со одредбата се таксативно опфатени и сите лица кои се вработени во испитниот центар како стручен кадар и кои имаат точно определени работни задачи“, образложуваат од Уставниот суд.

М.В