/ Прочитано:

942

По корупцискиот скандал – паѓа Владата на Чешка

Понеделник, 17 јуни 2013 – Чешкиот премиер Петр Нечас и покрај неговите напори, не успеа да ја задржи функцијата на чело на Владата по последните полициски рации во кругот на негови блиски соработници и сопартијци. Оставката на Нечас, согласно Уставот на земјата, ќе значи паѓање на целата Влада,  јави МИА.

„Целосно сум свесен дека перипетиите на мојот личен живот се товар за политичката сцена и ОДС. Внимателно го следев целиот развој на политичката ситуација и свесен сум какви последици ќе има тоа за мене. Сакам да потенцирам, дека потполно ја разбирам својата политичка одговорност и последиците што произлегуваат“, изјави Нечас доцна синоќа, најавувајќи дека денеска ќе ја поднесе оставката. 

Нечас најави и заминување од лидерското место во ОДС.

Судбината на Нечас беше запечатена по рацијата на Единицата за борба против организиран криминал во четвртокот, која изврши претрес  во седиштето на Владата и во неколку други службени и приватни простории и заедно со уште седум лица ја уапси шефицата на премиерскиот Кабинет Јана Нагиова.

Во акцијата, која е најголема досега по падот на комунизмот во 1989 година се посочуваат неколку обвинувања и сите се поврзани со Нагиова.

Таа е осомничена за корупциска поврзаност со лобисти и бизнисмени, нудење функции во државни фирми на поранешни пратеници како противуслуга за откажување од мандатот, но и неовластено давање наредби до Службата за воено разузнавање за следење на Радка Нечасова, сопругата на премиерот.

Индиректното откривање на љубовната афера на Нечас со Нагиова, за која веќе подолго време се шпекулираше, дојде само еден ден откако тој ја информираше јавноста дека со сопругата одлучиле да се разведат.

Денешното поднесување оставка на Нечас, согласно Уставот на земјата, ќе значи паѓање на целата Влада.

Раководството на владејачката коалиција се надева дека ќе успее повторно да состави нов министерски Кабинет и дека ќе добие поддршка од 101 пратенички глас во Собранието.

Но, политички турбуленции се можни, бидејќи се зајакнува позицијата на претседателот Милош Земан, кој е политички противник на десноцентрстичката влада, а кој претходно веќе побара нејзино заминување.

Опозицијата, бара распуштање на Собранието и вонредни парламентарни избори, откако веќе отпадна нивната иницијатива за изгласување недоверба на Владата, за што собраниска седница беше закажана за утре.

Кабинетот на Нечас беше именуван во јули 2010 година, по парламентарните избори на кои победија социјалдемократите, но тие не успеаја да обезбедат парламентарно мнозинство за формирање влада.