ПО ОДЛУКАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Осудениот во „Пуч“ целосно ослободен од затворската казна

Костовски беше шестиот обвинет во предметот „Пуч“, кој се води против поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, против неговата сопруга Соња, против лидерот на СДСМ Зоран Заев, против службеникот во Општина Струмица Бранко Палифров и против Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. Тие се товарат за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Судење случај „Пуч“

До Основниот суд Скопје 1 – Скопје, во текот на вчерашниот ден, од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија беше доставена одлука за помилување на осудено лице, при што судија за извршување санкции веднаш ја достави одлуката на надлежно постапување на затворската институција, за целосно ослободување од натамошно издржување на казна затвор на осудениот Звонко Костовски,  кој со предлог-спогодба КОК ПП бр. 131/15 од  25 март 2015 година е осуден на единствена казна затвор во траење од 3 години за кривичните дела шпионажа, од членот 316 ст. 4 в.в со член 24 од КЗ, и неовластено прислушување, од членот 151 ст. 4 в.в со ст.1, а во врска со член 45 од КЗ.

Како што потврдува директорот на затворот „Шутка“, Костовски уште синоќа бил пуштен на слобода.

Костовски беше шестиот обвинет во предметот „Пуч“, кој се води против  поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, против неговата сопруга Соња, против лидерот на СДСМ Зоран Заев, против службеникот во Општина Струмица Бранко Палифров и против Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. Тие се товарат за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Процесот формално сè уште не е започнат бидејќи неговиот почеток се одложува повеќе од половина година. Најпрво, пречка за стартот на процесот беше неприсуството на Заев на рочиштата, а откако предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство, процесот не можеше да започне поради барањата на СЈО за дополнителен увид во списите на предметот. Следното рочиште беше закажано за 3 мај, но со оглед на одлуката на Претседателот најверојатно сите обвинети во процесот ќе бидат ослободени од кривично гонење.

М.С.

СЕ СПОГОДИ ЕДЕН ОД ОСОМНИЧЕНИТЕ ВО „ПУЧ“: Три години затвор за шпионажа и неовластено прислушување

„Пуч“