/ Прочитано:

1.309

По одлуката на Врховниот суд, велешани ќе бараат еколошка правда во Стразбур

Четврток, 16 октомври 2014 – Врховниот суд одлучи во полза на државата, со што велешани го загубија спорот во кој бараа отштета и санирање на последиците од тридецениското загадување на Велес со тешки метали, пренесе велешкиот портал „Дума“.

Вака донесената одлука го затвора случајот со првата еколошка тужба во Македонија. Зелената коалиција и општината не успеаја дома да докажат дека Топилницата за олово и цинк го загадуваше градот и граѓаните, ниту дека последиците се уште се чувствуваат и се одразуваат врз животната средина.

Од најстарото граѓанско здружение, Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ велат дека веднаш по дознавањето на одлуката на Врховниот суд, тие разговарале и изградиле став што ќе го соопштат на состанокот на Зелената коалиција. Старешината на одредот, Анѓелче Ѓушев е категоричен дека Коалицијата треба да поднесе тужба против државата во Судот за човекови права во Стразбур бидејќи како што вели нивниот став денес не се разликува од времето кога ја започнаа битката за институционално докажување на еколошката катастрофа низ која минаа велешани и Велес кога загадувачот работеше.

На ист став се и екологистите од друштвото „Вила Зора“. Претседателот Ненад Коциќ вели дека во ниту еден момент не се поколебале дека треба да се докаже еколошката вистина за Велес.

„Во ниту еден момент не сметаме дека погрешивме што поднесовме тужба ниту посебно сме разочарани од одлуката на Врховниот суд. Имаме право да ја побараме правдата во судот во Стразбур. Без разлика дали ќе биде една, две, три или сите членки на Зелената Коалиција заедно со општината во интерес на правдата мора да се оди до крај“ вели Коциќ.

Сега извидниците и екологистите го очекуваат состанокот на кој ќе ги слушнат ставовите и на останатите членки на Зелената коалиција како и средбата со градоначалникот Славчо Чадиев по што треба да произлезе дефинитивната одлука за еколошката правда на Велес во Стразбур.