/ Прочитано:

2.155

ПО ПОЛОЖУВАЊЕТО НА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Најризично е да не ризикувате

Последниот совет е всушност и најважен и поврзан е со процесот на полагање на правосудниот испит и со идните очекувања на правниците, особено на оние што сакаат да се развиваат во кариерата и што сакаат предизвици во својата професија, а тоа е да најдат работа.

Илустрација учење

Голем дел од правниците, заради развојот на својата кариера, се одлучуваат да полагаат правосуден испит. Подготвувањето за полагање на испитот (собирањето материјали за учењето, времето, напорот и нервите кои ќе ги вложат во испитот) е долг процес кој на крајот се очекува да им биде исплатлив во правничката или во адвокатската професија.

Веб-страницата findlaw.com им дава совети на правниците кои го положиле правосудниот испит за тоа какви понатамошни чекори треба да преземат.

Како прва корисна работа, пред сè, за ментална релаксација се препорачува воопшто да не размислуваат како го положиле испитот, т.е. да не се окупираат со тоа колку прашања одговориле точно, каде грешеле во одговорите, дали можеле да одговорат поинаку на некои прашања итн. Најубаво е да се смират и да не размислуваат за тоа како го подготвувале испитот и како го полагале бидејќи, сепак, на крајот поголем дел од тоа ќе го заборават, но исто така и голем дел од материјалот ќе го применуваат во пракса додека работат, па затоа најпаметно ќе биде да не губат време мислејќи на она што поминало.

Откако ќе го положат правосудниот испит, добро би било да земат краток одмор, да  организираат некое патување во сопствена режија бидејќи тоа што биле долго време целосно или делумно изолирани додека учеле за правосудниот испит, би можело да биде штетно на долг рок. Токму затоа, потребно е рестартирање и враќање на навиките за нормално живеење, за прошетки во природа, што според некои истражувања помага и за намалување на депресијата и стресот, кои секако се појавиле во текот на учењето и на полагањето.

Последниот совет е всушност и најважен и поврзан е со процесот на полагање на правосудниот испит и со идните очекувања на правниците, особено на оние што сакаат да се развиваат во кариерата и што сакаат предизвици во својата професија, а тоа е да најдат работа. Доколку решиле да полагаат правосуден испит, тоа сигурно го прават бидејќи сакаат да имаат подобро платена правничка работа, да бидат стручен соработник, правник во позната компанија или адвокат. Затоа, доколку не се задоволни од моменталното работно место и доколку сакаат да напредуваат, потребно е и малку да ризикуваат. Треба да го подготват своето резиме и да аплицираат онаму каде што мислат дека ќе биде најдобро за нив бидејќи една од најпознатите фрази во бизнисот и во деловниот живот гласи: „Најголемиот ризик е да не преземете никаков ризик”, особено во модерниот свет во кој работите секојдневно се менуваат и се развиваат.