ПО ПОНИШТУВАЊЕТО НА АБОЛИЦИИТЕ: СЈО повторно бара притвор и мерки за претпазливост за дел од осомничените во предметите
Во предметите кои беа објавени по аболицијата, а во кои не беа опфатени високи функционери кои беа помилувани, сега СЈО бара за нив од Кривичниот суд определување на мерка притвор и мерки за претпазливост.
По поништувањето на аболициите од страна на Претседателот на РМ, од Специјалното јавно обвинителство велат дека продолжуваат со спроведување на истрагите за предметите кои беа започнати како и со предистражните постапки.
Во предметите кои беа објавени по аболицијата, а во кои не беа опфатени високи функционери кои беа помилувани, сега СЈО бара за нив од Кривичниот суд определување на мерка притвор и мерки за претпазливост. Во предметот „Транспортер“ поради аболицијата не беше опфатен градоначалникот на Битола, Владимир Талески, додека во предметот „ТНТ“, за уривањето на Космос, исто така, објавен по аболицијата, не беа опфатени поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
„За предметот „Транспортер“ донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело од чл. 353 ст 5 вв ст. 1, а вв. ст. 22 и 45 од Кривичниот законик, а поднесен е и предлог за определување на мерка притвор против истото лице“, се наведува во соопштението на СЈО
По однос на привремените мерки за обезбедување на имотноправно барање, до Основен суд Скопје 1 – Скопје е поднесен предлог кој беше вратен на доуредување, но ниту од Државното правобранителство ниту од Министерството за образование и наука сè уште не се доставени предлози за остварување на имотноправно барање, иако тоа од наша страна беше побарано, додаваат од СЈО во однос на предметот „Транспортер“.
Во предметот „Транспортер“, покрај Талески, беа осомничени уште 22 лица.
„Во врска со предметот во јавноста познат како „ТНТ“ донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против три лица поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од чл. 353 од Кривичниот законик, а поднесени се и предлози за определување мерка за претпазливост против истите 3 три лица“, стои во соопштението на СЈО.
Оттаму наведуваат дека истрагата за предметот „Титаник“ продолжува против сите шест лица. Во врска со предметот „Тортура“ поднесени се предлози за определување мерка за претпазливост против 6 лица поради постоење неосновано сомнение за сторено кривично дело – Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување од чл. 142 ст 1 вв чл. 22 од Кривичниот законик“, се наведува во соопштението. Во предметот „Тврдина“ за нечовечко постапување при апсењето на Љубе Бошкоски осомничени се седум лица.
Во врска со предметот „Тврдина“ поднесен е предлог за определување мерка притвор против едно лице како и предлог за определување мерки за претпазливост против четири лица, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело од чл. 353 и 361 од Кривичниот законик. За предметот „Тврдина“ шефот на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, пред аболицијата беше во куќен притвор. Распитот за овој предмет на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јакулоска, беше прекинат бидејќи на судијата на претходна постапка му се слоши.
Специјалното јавно обвинителство доставило до Апелациониот суд писмен предлог за укинување на решението на Кривичниот суд за предметот „Пуч“, кој по одлуките за аболиција го запре процесот, за тој да може да продолжи по поништувањето на одлуките.