/ Прочитано:

1.648

По повеќе од десет часа поминати во УБК, СЈО почнало да ги евидентира ПИ-мерките кои ги спроведувала Управата

„Загрижени сме каква порака им се упатува на граѓаните на Република Македонија кога државна институција бара изговори за да не испочитува судска наредба, наместо да се изнајдат начини како тоа да се направи“, потенцираше Ристоска.

Ленче Ристоска

Во текот на вчерашниот и денешниот ден, Специјалното јавно обвинителство со две судски наредби од Управата за безбедност и контраразузнавање барало прво, податоци за сите посебни истражни мерки кои биле спроведувани, како и листите за евиденција на ПИ-мерките и второ, претрес на компјутерските системи и компјутерските податоци на УБК.

Како што информираше обвинителката Ленче Ристоска во текот на вчерашниот ден, иако имале судска наредба, а врз основа на тоа и обезбедена полициска асистенција од СВР Скопје, подолг период се убедувале со лица од УБК да им бидат дадени податоците што ги бараат.

„Истовремено од страна на МВР беше формирана и комисија за увид во целокупниот процес на влечење податоци за подоцна да не се каже дека СЈО правело нешто самостојно или противзаконски“, рече Ристоска.

Како специфична ситуација со која се соочиле, а која ја потенцирала и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, е фактот дека УБК воопшто не соработувала и не сакала да ја спроведе судската наредба.

„Загрижени сме каква порака им се упатува на граѓаните на Република Македонија кога државна институција бара изговори за да не испочитува судска наредба, наместо да се изнајдат начини како тоа да се направи“, потенцираше Ристоска.

Дури по еден часот по полноќ УБК дозволила СЈО да постапува по наредбата за одземање на документацијата и истражителите на СЈО почнале да вршат попис на сите наредби за ПИ-мерки и откако ќе бидат попишани, ќе бидат одземени книгите за евиденција. Како што рече Ристоска, СЈО ги бара податоците поврзани со употребата на ПИ-мерките во периодот од март 2015 до крајот на 2015 година бидејќи, како што беше кажано во врска со истрагата за предметот „Тврдина“, системите за следење на комуникациите кои биле постари се уништени.

„Откако ќе ги одземеме податоците за ПИ-мерките, согласно анализата која ќе ја правиме ќе се фокусираме не на содржината на ПИ-мерките туку на броевите кои биле предмет на ПИ-мерките за да видиме дали навистина се случувало следење на комуникациите надвор од судките наредби“, потенцираше Ристоска. СЈО се обратило директно во УБК бидејќи таму се слеваат судските наредби за сите ПИ-мерки кои се спроведуваат.

Втората судска наредба не може да се изврши затоа што лицата одговорни за компјутерските системи, службени лица вработени во УБК, кои се единствените кои имаат пристап до нив, се надвор од државата. СЈО добило ветување од УБК дека лицата ќе бидат обезбедени во текот на денов, но до одржувањето на прес-конференцијата Обвинителството немаше информации дали тие се вратени во земјава.

Обвинителството има сознанија дека дел од помошните системи не се во сопственост на МВР, туку во сопственост на телекомуникациските провајдери кои работат во Република Македонија. Ристоска потенцираше дека МВР е тоа кое треба да одговори на тоа како системи кои не се во негова сопственост се наоѓаат во неговите простории.

„Ние ниту бараме ниту сакаме увид во податоци за тековни истражни мерки, ниту сакаме да направиме упад во безбедносниот систем на Република Македонија. Напротив, наш интерес е токму институциите да работат законски и за она што се случи во изминатиот период да се добие правна разрешница, односно да прибавиме докази за тоа дали злоупотребите се направени од страна на УБК и кои лица се одговорни. Ние сакаме да веруваме дека за злоупотребите постојат и одговорни лица со цел да не се злоупотреби името на целата институција, во којашто има и професионалци“, рече Ристоска.

Специјалното јавно обвинителство уште од март годинава од УБК ја барало документацијата за Пи-мерките, во која, како Обвинителство, има и законско право да направи увид, но оттогаш немале никаков одговор. Ристоска рече дека побарале Судот да го казни одговорното лице во УБК кое не го спровело барањето поради што морале да пристапат до судска наредба за да ја добијат документацијата.