По повод 70-годишниот јубилеј, УЈП објави публикација за развојот на  македонскиот даночен систем

По повод одбележувањето на Денот на даночниците на 29 ноември 2017 година, како и јубилејното одбележување на 70 години даночен систем и 20 години – Ден на даночници во Република Македонија, Управата за јавни приходи издаде публикација во која е даден краток осврт на поставувањето на темелите и седумдецениските промени и реформи во македонскиот даночен систем, како и за првите иницијативи за одбележување на Денот на даночниците, со цел давање посебно место и улога на даночните работници во обезбедувањето на финансиската стабилност на државата.

Темелите на даночната регулатива во Република Македонија се воспоставени со Законот за даноците објавен во „Службен лист на СФРЈ” бр.105/46, кој почнува да важи од 1.1.1947 година. Во 1952 година е направена првата реформа во даночната регулатива, донесен е Основен закон за општествен придонес и за даноците. Со Законот за придонесите и даноците на граѓаните од 1967 година се проширува даночната основа, опфатени се личниот доход од самостојно вршење на интелектуални услуги, авторски права, патенти и технички унапредувања, приходи од згради, имот и имотни права, дополнителна работа и земјоделско производство.

Во 1968 година, со Законот за организација и финансирање на службата за приходи  е формиран посебен орган во состав на Секретаријатот за финансии како Управа за општествени приходи. Во 1976 година, со измени на Законот, дополнително е уреден начинот на финансирање на органот, како и воведување совети на корисници на приходи кои имале надлежност за мислење за именување на раководното лице на органот во секоја општина, на внатрешната организација и систематизација, за измена на даночна регулатива, разгледување на успешноста на планот за наплата и друго.

„По стекнувањето на независност и самостојност на Република Македонија, за разлика од претходното федерално уредување на даночната материја и организација на органот за приходи, даночниот систем на РМ е реформиран во согласност со Уставот на РМ од 1991 година, во духот на определбата на современото демократско општество. Новиот даночен систем е базиран на принципите на пазарна економија, слобода на пазар и претприемништво, право на приватна сопственост и нејзина заштита, прифаќање на меѓународните норми и стандарди“, се истакнува во публикацијата.

Во 1993 година, донесени се нов Закон за Управа за јавни приходи, Закон за персонален данок на доход и Закон за данок на добивка, со кои се основа Управата за јавни приходи како орган во состав на Министерството за финансии и со кои се уредени утврдувањето, контролата и наплатата на јавните приходи во Република Македонија. Управата за јавни приходи ги презема во својот состав и вработените кои вршеле финансиска контрола од Службата за општествено книговодство. Овие закони почнаа со примена од 1.1.1994 година. Во 2000 година, влегува во сила Законот за данок на додадена вредност, кој го заменува претходниот Закон за данок на промет на производи и услуги.

Во 2005 година, со Законот за Управа за јавни приходи и со подоцнежните измени се регулирани специфичностите во правата, обврските и одговорностите на службениците, со цел да се подигне степенот на професионализам кај даночните службеници со посебни должности и овластувања, преку одредби за Кодекс за однесување, доверливост, забрана за вршење на профитна дејност и други. Со Законот за Управа за јавни приходи од 2014 година се уредени постојната структура, надлежност и делокруг на работењето на Управата за јавни приходи.

Почетоците за одбележување на Денот на даночните работници датираат од 1997 година, кога помала група вработени докажани експерти по даночна материја за првпат го одбележале Денот на даночниците на ден 29.11.1997 година во просториите на Министерството за финансии на Република Македонија.

„Нивната намера да им се даде внимание на даночните работници била значењето што Управата за јавни приходи го има во обезбедувањето на финансиски средства за функционирање на државата. Оваа мала група ентузијасти веднаш добила голема поддршка од самите вработени во Управата за јавни приходи, од вработените во Царинската управа и од други лица кои професионално се занимавале со даночната проблематика“, се вели во публикацијата.

Низ годините што следувале, Денот на даночните работници се одбележувал во секоја организациска единица посебно, а почнувајќи од 2007 година се организирала поголема прослава на која се поканувале вработените во Управата за јавни приходи, државни институции со кои Управата за јавни приходи соработувала, како и претставници од меѓународни организации.

„На одбележувањето на Денот на даночните работници се прави осврт на работата за тековната година, се наградуваат најуспешните даночни работници, се оддава признание на вработените кои непрекинато и посветено работат во Управата за јавни приходи 10, 20, 30 и 40 години, им се искажува благодарност на пензионерите од тековната година за нивната долгогодишна и успешна работа во Управата за јавни приходи и се доделуваат плакети на најуспешната организациска единица на УЈП, како и институција односно меѓународна организација, кои придонесле за усовршување и модернизација на Управата за јавни приходи“, се посочува во публикацијата.

М.В