/Прочитано:

1.406

По пресудата на ЕСЧП во корист на трансродовите лица, се подготвуваат измени на Законот за матичната евиденција за промена на ознаката за пол

Министерство за правда подготвува измени на Законот за матичната евиденција. Со измените на Законот, образложуваат од Министерството за правда, ќе се уредат постапката и условите за правно признавање на родот.

„Законот за матична евиденција не обезбедува јасна процедура за промена на ознаката за пол. Потребно е уредување на постапката за правно признавање на род со цел спроведување на Пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на лицето Икс против Република Македонија (Application no. 29683/16) од 17.1.2019 година, како и негово хармонизирање со меѓународните стандарди во оваа област“, образложуваат од Министерството за правда.

Кон крајот на минатиот месец, Европскиот суд за човековите права донесе пресуда во корист на правата на трансродовите лица во Македонија. Анонимизираното трансродово лице Икс  ја тужеше Македонија поради повреда на правото на приватност и неефикасен правен лек во земјата.

Тужителот „Икс“ го променил полот од женски во машки, но не можел административно да ја впише промената поради непостоење на соодветна законска рамка.  Во таа насока, Судот посочува на отсуство на регулативна рамка во домашното законодавство.

Исто така, во конкретниот случај имало повреда на членот 8 од Конвенцијата, според кој секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката и јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право.

Од Коалицијата Маргини, која го поддржуваше случајот на „Икс“ пред Стразбур, истакнаа дека по оваа пресуда Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.

„Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транслицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет. По оваа одлука, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот. Судот на тужителот му додели 9.000 евра нематеријална штета за претрпен стрес во изминатиот период“, велат од Коалицијата.

Адвокатка Наташа Бошкова, која го води овој случај пред судот во Стразбур, нагласува дека пресудата на ЕСЧП јасно укажува на недостатоците во домашното законодавство, отсуството на јасна процедура, но и неусогласеност на институциите. Адвокатката ја оценува пресудата како охрабрувачка од аспект на човековите права и правата на трансродовите лица, но и од аспект на потребата за измени на прописите.

Инаку, пред две години Управниот суд донесе решение за утврдување на промена на пол во матичната евиденција.  По промената на податоци во матичната евиденција, Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од три дена да издаде нов матичен број кој е соодветен на извршената промена.

Набрзо потоа и трансродова жена доби случај пред Управниот суд на Република Македонија. Предметот се однесуваше на промена на податоците во матичната евиденција, односно ознаката за пол и матичниот број.

Во 2016 година, исто така, Управниот суд  донесе пресуда во корист на тужител за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол.

Пресуда на Судот во Стразбур во корист на правата на трансродовите лица во Македонија

УШТЕ ЕДНА СУДСКА ОДЛУКА ВО КОРИСТ НА ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Трансродова жена доби случај пред Управниот суд

Донесено решение за утврдување на промена на пол во матичната евиденција: Ова е голем пресврт за правата на трансполовите лица, вели адвокатот Жарко Хаџи Зафиров

Пресуда во корист на тужител за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол

М.В