/ Прочитано:

1.555

По протекувањето на „Рајски документи“, апел за сериозна борба против перењето пари и затајувањето данок

Според Владата на Германија, излегувањето на „Рајските документи“ во јавност е значаен придонес за поголема транспарентност и цврста заложба против затајувањето данок на меѓународно ниво. Истовремено, европскиот комесар за економски прашања Пјер Московичи ги повика земјите членки на ЕУ итно да усвојат европска црна листа на затајувачи на данок.

Повеќе од 13 милиони документи, под името „Рајски документи“, за финансиите на светската политичка и шоу-бизнис елита, односно за тајните врски меѓу политиката, приватните бизниси и корпоративните гиганти и нивните напори за избегнување на плаќање данок, вчера беа објавени од страна на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ). Протечените податоци ги обелодени германскиот весник „Зидојче цајтунг“, по што денеска Германија го поздрави објавувањето на документите. Според Владата на Германија, излегувањето на „Рајските документи“ во јавност е значаен придонес за поголема транспарентност и цврста заложба против затајувањето данок на меѓународно ниво.

Портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт, денеска изјави дека објавувањето на документите и работата на медиумите се од огромна важност, пред сè, во борбата против актерите и уживателите на паралелните даночни светови.

Истовремено, европскиот комесар за економски прашања Пјер Московичи ги повика земјите членки на ЕУ итно да усвојат европска црна листа на затајувачи на данок.

Инаку, истражувањето на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари беше фокусирано на имотот на најмоќните луѓе во светот, односно на скриените фондови и оф-шор сметки, а водечка правна компанија одговорна за оф-шор работењето е „Еплби“, која има свои филијали на Бермудските, Кајманските и Девствените Острови. Од своја страна, „Еплби“ тврди дека  се занимава исклучиво со легални активности, односно дека дава услуги на клиентите во рамките на меѓународното право.

Имено, „Рајските документи“ откриваат дека милиони фунти од приватните средства на британската кралица Елизабета II се инвестирани во фонд на Кајманските Острови. Друг дел од парите, пак, како што открива истражувањето, завршиле во компанија обвинета дека ги искористува сиромашните семејства и загрозените лица. „Рајските документи“ не го заобиколуваат ниту американскиот претседател Доналд Трамп, односно неговата поврзаност со Русите, како и соработниците на премиерот на Канада, Џастин Трудо, односно нивните тајни бизнис зделки. Истовремено, истражувањето открива дека стотици милиони долари кои биле инвестирани во технолошките гиганти „Фејсбук“ и „Твитер“ потекнуваат од руски државни финансиски институции. Истражувањето на новинарите покажува дека и мултинационалните компании, како што се „Епл“, „Најк“ и „Убер“, исто така, успешно го избегнувале плаќањето данок, односно го таложеле своето богатство во разработени оф-шор мрежи. Во „Рајските документи“ се опфатени и светски познатите музички ѕвезди, како Мадона и фронтменот на У2, Боно Вокс.

По излегувањето на „Рајските документи“ во јавност, организацијата „Транспаренси интернешнл“ ги повика владите на земјите членки на Европската Унија да преземат конкретни мерки во борбата против перењето пари и избегнувањето плаќање данок. Со цел спречување на вакви криминални дејствија, „Транспаренси интернешнл“ апелира земјите на ЕУ да ги зајакнат напорите за решавање на проблемите со законодавствата во т.н. „оф-шор раеви“, односно повикува европските влади да преземат итна акција и да го прекинат овој вид тајност, бидејќи на тој начин се овозможува поголема корупција.

„Ова последно протекување покажува дека во дигиталната ера транспарентноста е неизбежна, единствен избор е дали да се контролира протокот на информации или не“, изјави Карл Долан, директор на „Транспаренси интернешнл“.

А. Б.