/ Прочитано:

1.212

ПО ПРОТЕСТИТЕ: Тринаесет лица се приведени, а повредени се новинар и фоторепортер

Во протестите беше демолирана Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија која се наоѓа во центарот на Скопје и беа искршени дел од прозорите на зградата на Министерството за правда.

Протести

Тринаесет лица беа приведени по синоќешните протести кои се случија како реакција на одлуката на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов за помилување политичари, нивни соработници и поддржувачи заради помирување помеѓу политичките партии и решавање на политичката криза.

Во протестите беше демолирана Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија која се наоѓа во центарот на Скопје и беа искршени дел од прозорите на зградата на Министерството за правда.

При судирот меѓу полицијата и демонстрантите, беа повредени неколку лица, меѓу кои и новинарот на редакцијата на порталот „Плусинфо“,  Горан Наумовски и фоторепортерот на „Вечер“ Наке Батев.

Во официјалната информација од полицискиот билтен е наведено дека во текот на вчерашниот ден имало два протести, едниот пред зградата на Специјалното јавно обвинителство, а другиот пред седиштето на политичката партија СДСМ.

Протести

„Во 19:15 часот пред Собранието на Р Македонија се собрале околу 3 000 граѓани, а пред канцеларијата на Претседателот на Р Македонија на ул. Димитрија Чуповски –  околу 2 000 граѓани. Дел од граѓаните собрани пред канцеларијата на Претседателот фрлале камења, јајца, како и чадни бомби кон објектот. Притоа биле оштетени неколку прозорски стакла“, се наведува во полицискиот билтен.

Подоцна во 19:40 часот, според информациите на МВР,  дел од масата од пред канцеларијата на Претседателот се упатила пред Собранието на Република Македонија, а масата граѓани од пред Собранието се упатила кон ул. „Павел Шатев“.

„Околу 21:00 часот дел од масата која била пред канцеларијата на Претседателот, успеала насилно да влезе во просториите од каде што изнела дел од инвентарот и го запалила на улицата пред објектот. Дел од истата маса на објектот на Министерството за правда со тврди предмети ја оштетиле влезната врата и неколку прозори. Нарушителите биле потиснати и оддалечени од објектот, а 13 од нив се приведени“, потврдуваат од МВР.

По целосно документирање на случајот од МВР најавуваат соодветни поднесоци.

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди  при МВР и СВР Скопје уште од синоќа имаат задача да испитаат дали е употребена прекумерна полициска сила на протестите, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Апелирам до новинарите да бидат видно обележани во вакви ситуации. Доколку се утврди прекумерна употреба на сила , секој ќе сноси одговорност“, рече Спасовски.

Покрај тоа Спасовски апелираше до граѓаните мирно да протестираат и да се воздржат од насилство, а полицијата да ја третираат како чувар на безбедноста.

М.С.