/ Прочитано:

1.396

ПО СУДСКАТА ФЕРИЈА: Во септември на обвинителна клупа повторно ќе седнат сегашни и поранешни политичари

Идниот месец продолжуваат и процесите против истакнати политички фигури, кои беа прекинати поради аболицијата донесена од страна на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов. На обвинителна клупа повторно ќе треба да седне лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој е обвинет во два процеси „Поткуп“ и „Пуч“. Покрај Заев, во „Пуч“ се обвинети и Зоран и Соња Верушевски, Ѓорги Лазаревски и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица. Ниту еден од овие процеси не започна пред аболицијата, иако беа закажани неколку рочишта. Новото рочиште за случајот „Поткуп“ е на 22 септември, додека за „Пуч“ е на 16 септември.

Судница 1 Основен суд Скопје 1

По судската ферија, за време на која во судовите се одржуваат рочишта само за притворски и итни предмети, од септември во најголемиот суд во земјава, Кривичниот суд Скопје, ќе започнат или ќе продолжат неколку процеси кои се и медиумски најекспонирани.

Судењето за новинарот Зоран Божиновски, против кого беше поднесено обвинение за сторени три кривични дела: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в. со чл. 45 и уцена од чл. 259 ст. 2 в.в. ст. 1 в.в. со чл. 19 од Кривичниот законик, стартува на 1 септември. Во меѓувреме, Специјалното јавно обвинителство побара да му биде предаден во надлежност предметот за Божиновски бидејќи тие веќе имаат воспоставено надлежност над предметот „Шпион“ во кој првично беше опфатен новинарот.

Идниот месец продолжуваат и процесите против истакнати политички фигури, кои беа прекинати поради аболицијата донесена од страна на претседателот на РМ,  Ѓорге Иванов. На обвинителна клупа повторно ќе треба да седне лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој е обвинет во два процеси „Поткуп“ и „Пуч“. Покрај Заев, во „Пуч“ се обвинети и Зоран и Соња Верушевски, Ѓорги Лазаревски и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица. Ниту еден од овие процеси не започна пред аболицијата, иако беа закажани неколку рочишта. Новото рочиште за случајот „Поткуп“ е на 22 септември, додека за „Пуч„ е на 16 септември.

По еден месец пауза, која беше договорена помеѓу судечкиот совет и одбраната, продолжува судењето за случајот „Дива Населба“. Рочиштата на кои ќе бидат испитувани заштитените сведоци, полициски службеници учесници во борбените дејствија од 9 и 10 мај минатата година, со кои ќе продолжи процесот, и понатаму ќе бидат затворени за јавноста. Почнувајќи од 6 септември, во текот на идниот месец се закажани пет рочишта, но од Судот сè уште не наведуваат кога ќе биде повторно отворено за јавноста судењето.

Дива населба, прво рочиште

Во септември ќе биде направен уште еден обид за старт на судењето за случајот „Ровер“ во кој како обвинет се јавува и поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски. Откако Апелациониот суд по вторпат го врати процесот на почеток, судењето сè уште не е започнато. Причините за одложувањето на рочиштата се отсуствата на обвинетите или на адвокатите. Во меѓувреме, Бошковски беше ослободен од затвор поради истекот на петгодишната затворска казна која му беше досудена во случајот „Кампања“.

И покрај повлекувањето на аболицијата од страна на Претседателот на Република Македонија, во Кривичниот суд сè уште не е завршен процесот за двајцата членови на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, кои се обвинети за учество во толпа што ќе изврши кривично дело поради демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на РМ како револт на одлуката за помилување на 56 лица.

На последното рочиште одбраната побара време за да ги разгледа доказите на Обвинителството, кое тврди дека Народната канцеларија не е приватен имот, туку имот на Република Македонија даден на користење на Кабинетот на Претседателот на РМ.

Во Апелациониот суд во Скопје на 1 и 2 септември е закажана јавна седница за случајот „Шпион“. Според најавите на Специјалното јавно обвинителство, на јавната седница ќе бидат изнесени нивните наводи во однос на жалбата на одбраната на првостепената пресуда со која беа осудени сите 19 обвинети.

Шпион на Апелација

Според најавите на дел од одбраната во случајот „Ќелија“, есенва се очекува да биде закажана јавна седница во Апелациониот суд и за овој предмет. Одбраната и Обвинителството поднесоа жалби на пресудата на Основниот суд Скопје 1 со која петмина обвинети беа осудени на затворски казни од 2 до 4 и пол години откако ја признаа вината.

На 15 септември, Специјалното јавно обвинителство треба да го објави извештајот за едногодишната работа. Ова ќе биде втор извештај на СЈО кое, според Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, треба да изготвува извештај за работењето на секои шест месеци и да го достави до Советот на јави обвинители и до Собранието.

Катица Јанева веќе најави дека во наредниот период СЈО ќе имаат повеќе работа бидејќи ќе се зголеми интензитетот на лица кои ќе бидат повикани, а кои со своите сознанија ќе бидат од корист за истрагите што ги води ова обвинителство

М. С.