/ Прочитано:

2.426

По тридневната подготовка за германското право, македонски судијки и обвинителки ќе одат на работен престој во Германија

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (IRZ) и со средства на германското Сојузно министерство за надворешни работи, организираше програма за поддршка на македонскиот правнички подмладок.

Во рамките на оваа програма, предвиден е еднонеделен студиски и работен престој во Германија, на кој младите македонски правници ќе се запознаат со германскиот правен систем како пример за традиционален континенталноевропски правен систем, кој е хармонизиран со правото на ЕУ, при што ќе им се овозможат искуства кои ќе им користат во нивната подоцнежна работна практика како судии и јавни обвинители

 Во врска со овој престој во Академијата за судии и јавни обвинители, се одржа тридневна подготвителна обука како воведен настан за работната посета во рамките на проектот овозможен со средства на германското Сојузно министерство за надворешни работи, „Поддршка на правничкиот подмладок“.

 Подготвителната обука ја спроведе адвокатот д-р Штефан Пирнер, регионален  проектен раководител на ИРЗ за Проектната област 7 „Југоисточна Европа I“ (Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија).

На денешниот последен ден од подготвителната обука се обрати германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих, кој ја потенцираше успешната долгогодишна соработка на Академијата за судии и јавни обвинители со Германската амбасада во Република Македонија, особено во делот на едукацијата на судиите и јавните обвинители.

„Преку оваа програма сакаме на идните македонски судии и обвинители да им го прикажеме германскиот систем како хармонизиран со правото на Европската Унија. Семинарот се одржува во многу добар момент, во време кога се работи за реформите во правосудството“, истакна германскиот амбасадор кој на македонските судии и обвинители кои ќе бидат на работен престој во Германија им посака многу успех.

„Исто така, ви посакувам многу  успех на денешниот испит и благодарам за вашата соработката и соработката со Академијата. Колку што можам да забележам, на оваа обука се присутни само судијки и обвинителки. Тоа е добро бидејќи жените имаат одлично чувство за емпатија. Во Германија исто така ќе забележите многу жени судијки и обвинителки кои ќе бидат ваши соработнички“, истакна германскиот амбасадор.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, истакна дека соработката со Германската амбасада во Македонија и Германската фондација за меѓународна правна соработка трае повеќе од 11 години. Оваа соработка, нагласи Арнаудовска, вроди со одлични резултати, за кои голем удел имаат и обуките од овој тип кои се нов модалитет во проучувањето на германското право и приближувањето на германската правна култура. Германскиот правен систем, акцентираше Арнаудовска, е пример за традиционален континентален систем.

„Искажувам голема благодарност за соработката со Германската амбасада и со Германската фондација за меѓународна правна соработка. Овој настан претставува продолжение на успешната соработка помеѓу Академијата и ИРЗ која вклучува бројни настани од областа на правото и едукацијата за судиите и обвинителите, како и за сите актери во правосудството. Особено се радувам што Академијата и ИРЗ имаа соработка и издадоа бројни публикации и прирачници, особено од аспект на ЕСЧП и германското право, кои се извонреден теоретски и практичен придонес за правната едукација“, нагласи Арнаудовска.

Во своето обраќање, д-р Штефан Пирнер нагласи дека првично ги увидел активностите на Академијата и бил, како што подвлече, импресиониран од нивната бројност и тематика. Таквите активности набргу се збогатиле и со програмите за германското право, особено преку програмата за воведот во германското право и еднонеделен студиски и работен престој на младите судии и обвинители во Германија.

„Оваа тридневна програма за воведот во германското право денес ќе се заокружи со полагање на испитот чие успешно положување ќе биде предуслов за учество во посетата на Германија. На испитот ќе треба бргу да реагирате и да аргументирате. Аргументацијата е клучна. Кога зборуваме за евалуацијата на судиите, забележавме голема разлика во евалуацијата на судиите во Македонија и Германија. Во Германија повеќе се гледа на социјалните способности на судијата и неговата моќ за аргументација, нема толку формална и детална евалуација. Тоа говори за важноста на социјалните способности на судијата во Германија“, истакна Пирнер.

M.B