/ Прочитано:

2.332

„По завршување на вонредната состојба, се поставува прашањето за легитимноста на репресивните мерки“, велат адвокатите Стаменковски и Митреска

Владеењето на правото, правната сигурност и обезбедувањето на човековите права, особено од аспект на ограничување на овие права, како секоја земја, така и нашата мора да ги носи внимателно и со исполнување на бараната форма, пишуваат адвокатите Владимир Стаменковски и Бисера Митреска од Адвокатска канцеларија Стаменковски и Митреска.

Светската здравствена организација на 11 март 2020 година прогласи пандемија т. н. ковид-19. Во однос на тоа што претставува оваа декларација на СЗО, за најдобра илустрација ќе ја искористам изјавата на епидемиологот Џон Хопкинс: „Мислам дека она што повеќето луѓе не го разбираат во однос на состојбата со пандемија, оваа состојба не се однесува на тоа колку болеста е сериозна или колку случаи се регистрирани, ниту пак за тоа колку треба да бидеме загрижени. Таа буквално се однесува на географија.“

Одлуката за прогласување пандемија, покрај географскиот фактор, во согласност со изјавата на претседателот на оваа организација, беше и во насока на преземање на итни мерки за заштита на здравјето на народот од матичните земји.

Од овој аспект, оваа декларација не е ниту правен акт, ниту пак има некоја задолжителност во постапувањето на државите, туку е само еден вид потсетување на државите за итноста во преземање на активни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

Република Северна Македонија декларацијата за прогласување на пандемија ја дочека во една специфична состојба, во состојба со распуштено Собрание и во состојба со т. н. преодна Влада, која, во согласност со закон, има овластувања од аспект на организација на парламентарни избори.

При ваква ситуација, во согласност со Уставот, во отсуство на активно Собрание, претседателот на државата прогласи вонредна состојба, а со тоа ѝ овозможи на Владата да ја преземе улогата на законодавна власт и да носи уредби со законска сила.

Од аспект на досегашните одлуки, се чини дека целокупното постапување на трите столба на власт во нашата држава е во целост во согласност со правниот поредок и се темели и на Уставот и на закон.

Меѓутоа, по завршувањето на вонредната состојба во Република Северна Македонија, од 22.6.2020 година, па сѐ до денес, се поставува прашањето за легитимноста на задолжителните мерки, особено од аспект на репресивните мерки – изрекувањето на прекршоци за непридржување кон воспоставените мерки за борба против коронавирусот.

Имено, Владата на РСМ на 22 април 2020 година донесе Уредба со законска сила за носење на лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивањето на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението за време на вонредната состојба, објавена во „Службен весник на РСМ“ бр. 107. Со чл. 7 од оваа уредба е предвидено дека: „Оваа уредба со законска сила се применува за време на траењето на вонредната состојба, како и до завршување на пандемијата со COVID-19 прогласена од Светската здравствена организација.“

Неспорно е дека оваа мерка е тесно поврзана со, односно предизвикана од причината за прогласување на вонредната состојба – епидемија од ковид-19, дека е во согласност со причините и последиците од вонредната состојба и дека се однесува за времетраењето на вонредната состојба.

Но правниот проблем произлегува од фактот дека, иако денес Република Северна Македонија не се наоѓа во вонредна состојба, оваа мерка особено во репресивниот дел – изрекувањето на прекршоци и парични глоби за истите, и до денес активно се применува, односно секојдневно медиумите нѐ информираат за бројот на изречени прекршоци и глоби, во согласност со чл. 6 од именуваната уредба.

Во ваква состојба, се поставува прашањето за правната издржаност на овие изречени мерки и колку и дали утре државата ќе треба да им ги враќа парите на граѓаните наплатени врз основа на овие прекршоци.

Со завршувањето на вонредната состојба, престана и важноста на уредбите со законска сила. Тоа значи дека гледано од правен аспект престаната е и важноста на одредбата дека „Уредбата ќе се применува до завршување на пандемијата…“ Дополнително од правен аспект е дискутабилно врзувањето на Уредба во која се содржани прекршочни одредби со акт на организација, која нема апликативна вредност во нашиот правен систем, и која, како што погоре наведовме, претставува „географија“.

Овој текст не е во насока на непочитување на мерките. И самите граѓани треба да бидат свесни дека секоја мерка донесена од започнувањето на пандемијата до денес е за заштита на граѓанинот, кој првично треба да се заштити себе си, а потоа и другите.

Меѓутоа, владеењето на правото, правната сигурност и обезбедувањето на човековите права, особено од аспект на ограничување на овие права, како секоја земја, така и нашата мора да ги носи внимателно и со исполнување на бараната форма. Правната несигурност и правните празнини денес, па и утре, можат да донесат до несакан колосек и да предизвикаат значајни реперкусии за државните органи, особено оние кои се надлежни да ги спроведуваат овие мерки.

 Адвокатска канцеларија Стаменковски и Митреска

*Ставовите изразени во рубриката „Стручни мислења и коментари“ се ставови на авторите и не ги изразуваат ставовите на Академик.мк