/ Прочитано:

1.292

По „Змиско око 1 и 2“ и „Калдрма“, уште еден инкасант осомничен дека давал фалсификат фискални сметки

Вторник, 5 февруари 2013 – Додека судот се справува со приближно 200 обвинети, во меѓувреме уште еден инкасант на наплатна рампа кај Куманово заработи кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување. Имено, на ист начин како и останатите обвинети колеги во судскиот процес за случајот „Калдрма“, според полицијата изработувал фалсификат фискални сметки, а парите ги ставал во џеб. 

Според СВР Куманово вработен на наплатната рампа „Романовце“  крадел од парите за патарина што ги наплатувал од возачите, а покрај тоа и физички се пресметувал со нив откако ќе забележале дека им подметнува невалидни сметки. Кривична пријава заработи 39 годишниот И.А од Куманово, инкасант во Одделението за наплата на патарина на наплатната рампа „Романовце“ за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „насилство“.

Според полициските сознанија, во периодот од 04.08.2012 година до 18.08.2012 година, осомничениот од посебна просторија на објектот на патарината зел хартиена ролна од раздолжени контролни наплатени фискални сметки за деновите 3 и 4 август во износ од 50.120 денари, по што сметките им ги давал на возачите кои поминувале на наплатната рампа. Парите не ги оставал во касата туку ги задржувал за себе.  

Полицијата е информирана и за инцидент кој го  предизвикал осомничениот инкасант на 18 август истата година. Осомничениот на српски државјанин му дал сметка за платена патарина, а откако истиот реагирал дека на сметката стои претходен датум настанал куршлус. Инкасантот излегол од кабината и со дрвена палка му го скршил ветробранското стакло од возилото, му се заканил на возачот дека ќе го убие ако веднаш не ја напушти државата. Српскиот државјанин случајот го пријавил во полиција.