/ Прочитано:

1.472

Почеток на првото национално мерење на перформансите на правосудството

Центарот за правни истражувања и анализи одржа прес-конференција со цел официјално одбележување на почетокот на првото национално мерење на перформансите на правосудството.

Центарот го спроведува мерењето во соработка со Министерството за правда и Судскиот совет на Република Македонија, а во процесот ќе бидат вклучени сите клучни чинители во правосудството. Процесот на мерење на перформансите на судството е поддржан од Британската амбасада Скопје, во рамки на програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Македонија“.

Никола Јовановски, програмски менаџер во ЦПИА, истакна дека Матрицата, како инструмент предвиден во Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017-2022 година, има цел да направи процена на тековните состојби во правосудството, да се идентификуваат проблемите, силните страни во правосудството и секако да се дадат насоки за областите кои треба да се подобрат во согласност со меѓународните стандарди. Во истражувањето ќе бидат опфатени околу 7.000 испитаници од сите целни групи. Воедно, тој истакна дека и покрај тоа што мерењето не опфаќа индивидуално оценување на судиите или на јавните обвинители, целта е да се увиди каков став има по определено прашање секоја од целните групи.

Почетокот на првото национално мерење беше поздравено од Љубица Караманди-Попческа, државен советник во Министерството за правда, која истакна дека добиените податоци ќе ја постават основата за анализа на ефикасноста на правосудството и на тој начин ќе се креираат и наредните стратешки определби во правосудството. Таа воедно истакна и дека овој процес е од суштинско значење за Министерството за правда бидејќи ќе се одвива паралелно со скрининг-процесот за Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.

Џемали Саити, судија во Врховниот суд и претседател на Здружението на судии, нагласи дека е неопходно да се направи процена на тековните состојби во судството. Во таа насока, ја истакна и поддршката што му ја дава Здружението на судии на Центарот во рамките на овој процес, но и во сите идни активности.

Со почеток од 24 октомври па сè до 14 ноември, овој процес ќе ги опфати сите клучни страни во правосудството, и тоа: судиите, судската администрација, јавните обвинители, државните правобранители, адвокатите, медијаторите, нотарите, извршителите, медиумите, физичките и правните лица како странки во судски постапки, како и Академијата за обука на судии и јавни обвинители и невладиниот сектор.

Целта на ова мерење е да ги измери перцепциите на сите засегнати страни и на тој начин да ја постави основата за системско оценување на перформансите во правосудството и да помогне при евалуација на реформите во овој сектор, што е подеднакво важно за процесот на преговори на Република Македонија со Европската Унија.

Податоците добиени од ова истражување ќе бидат споредени со податоците од Судскиот совет и Министерството за правда на РМ и меѓународните извештаи во однос на ЕУ. Првиот официјален извештај за мерењето на перформансите на правосудството ќе биде подготвен во февруари 2019 година.

М.В