/ Прочитано:

2.301

Почнува ерата на новите проценители

Со нови сертификати и обуки според меѓународни стандарди, Македонија треба да добие стручни проценители од сите области. Пред законските измени, трн во око беше стручноста и екслузивното право на Бирото за судско вештачење за вршење на проценка. Oд Бирото за судски вештачења информираат дека се работи за преоден период, ќе вршат процена се додека не се обучат проценители од сите области. Според проценителот Евгeнија Kипровска, новите методологии на процена не се разликуваат од старите. Не се новина ниту обуките, а се очекува тие и новите лиценци да ја реформираат проценителската сфера.

Од  самиот почеток, Бирото за судски вештачења беше единствениот овластен субјект за вршење на процена. Во очи паѓаше и ексклузивното право на Бирото. Директорот на Бирото за судски вештачења, неколку пати нагласи дека станува збор за преоден период, а во новите лиценци се гледа решение на овој проблем.

За разлика од проценителите, вештаците беа во поповолна состојба. Одамна постои таканаречено приватно вештачење каде што странките по своја волја бираат вештак. И покрај ова, Бирото работи со приватни лица кои нарачуваат вештачења. Откако почна да се применува правилото, доказите со вештачење однапред да се приложуваат во судот, се очекуваше дека ќе се зголеми обемот на работа на вештаците. Но, тоа не е случај со Бирото. Директорот Дени Ѓорчевски вели дека професионалноста на вештите лица е голема, па оној што нарачува услуга не може да влијае на исходот.

Дени Ѓорчевски- Директор на Биро за судски вештачења

Вештото лице одговара кривично и материјално за изготвено вештачење. Доколку некоја странка утврди некаква злоупотреба може да побара дополнително и супер вештачење, исто така може да се пожали што ќе доведе до казна на вештото лице. Професионалноста на вештите лица е на високо ниво, бидејќи ги работат најтешките предмети“, вели Ѓорчевски.

Во однос на одредувањето на пазарната вредност, од Бирото не информираа дека тоа никогаш не било спорно бидејќи се користела методологија од 2005, а сега ќе се користи најновата методологија од 2012 година.

Старите проценители велат дека и порано постоеле обуки и се работело според соодветни методологии, а сепак со новите обуки треба да се зголеми нивото на стручност. По затворањето на Агенцијата за приватизација, тогашните надлежни направиле пропуст не преземајќи ја обуката за проценители. Лиценците на старите проценители веќе се со поминат рок, па се јавила потреба за трајно решение на овој проблем. Евгенија Кипровска кој е поранешен обучувач на проценители, не се сложува со новото законско решение. Според неа, старите проценителите имаат огромно искуство кое можат да им го пренесат на обучувачите.

„Како и се друго кај нас постапката започна од почеток како кај нас никогаш да не постоела оваа професија. Дури во Законот за процена воопшто не се споменати веќе постојните лиценци што само по себе наведува дека имателите на лиценците на кои им изминал рокот треба повторно да ја поминат обуката за да се стекнат со важечки лиценци. Голем дел од тие кои активно досега вршат проценка имаат толку големо искуство кое  можат да им го пренесат на обучувачите“, додава Кипровска.

Доделени првите сертификати за ИТ проценители

Министерството за информатичко општество и администрација, неодамна ги додели Првите сертификати и уверенија за посетувана обука и положен испит за проценители од областа на информатичката технологија.

Според Министерството, проценките во областа на ИТ најчесто ќе ја бараат правните лица при определени трансакции, односно купопродажби, ликвидации, стечаи и извршни постапки, а граѓаните исто така имаат потреба од проценител доколку го вложуваат предметот за проценка за почнување бизнис.

„Методологијата по која ќе работат новите проценители ја составија експерти од областа на процената и ИТ, кои беа избрани по пат на јавен оглас. Методологијата пред да биде пратена на одобрување се спроведе и јавна расправа, учествуваа останатите Министерства сите четири комори. Имаше забелешки и различни мислење, но сето тоа се интегрираше во сегашната методологија“, објаснува за Академик, Розалинда Стојова, раководител на Одделение за сертификација на системи и лиценци за информатичка технологија при Министерството за информатичко општество.

Стојова најавува и нови обуки кои ќе се спроведат во текот на овој и на наредниот месец. Вели дека постои интерес за процена во ИТ сферата, но конечниот број на проценителите ќе се знае откако ќе биде оформeна Комората на проценители.

Оваа област е во почетна фаза и се уште нема ангажмани за новите проценители, ни открива Аспасија Таневска која неодамна доби лиценца за проценувач на информатичка технологија.

„Проценувачите се лица кои имаат вештини за идентификување на ИТ потребите, за предметот и обемот на ИТ процена, имаат знаење за идентификување и одвојување на ИТ средства според категории и избирање на соодветен метод на процена. Зависно од намената и обемот на ИТ процена, ИТ проценувачите применуваат соодветни пристапи и методи на ИТ процена како и подготовка на ИТ Извештај од проценката„, вели Аспасија Таневска.


Автор: Паула Божиновски Објавено: 17.10.2012