/ Прочитано:

837

Почнува националната кампања против говор на омраза на интернет

Петок, 22 март 2013 –  Денеска почнува националната кампања против говорот на омраза на интернет која носи наслов „Младите луѓе за човековите права на интернет“. Кампањата ќе трае една година се до март 2014 година и ќе се спроведува во голем дел од земјите членки на Советот на Европа. Kоординатор на кампањата е Агенцијата за млади и спорт.

Денеска во Агенцијата за млади и спорт официјално ќе биде означен почетокот на Националната кампања против говорот на омраза на интернет „ Младите луѓе за човековите права на интернет“.

Кампањата е предвидена да трае од март 2013 до март 2014 година, а ќе се спроведува во голем дел од земјите членки на Советот на Европа. Насочена е кон младите луѓе на возраст од 13 до 30 години во однос на зголемување на одговорноста при користењето на интернет. Кампањата е за утврдување на различните перцепции и форми на говорот на омраза на интернет и нивното влијание врз младите луѓе, за последиците од непочитувањето на човековите права во онлајн комуникацијата, но и за градење на мрежа на активисти против дискриминацијата по различни основи.

Во кампањата како дел од Националниот Комитет против говорот на омраза се вклучени и Министерството за правда, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, Агенцијата за електронски комуникации, Студентскиот Парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Центарот за меѓукултурен дијалог – Куманово, Македонско здружение на млади правници, Младински Образовен Форум, Центарот за човекови права „АМОС“.