/ Прочитано:

5.461

Почнува процесот на полимеризација на банкнотите

Утре стапува во примена Одлуката за повлекување од оптек на книжните пари во апоени од 10 и 50 денари. Според Одлуката, книжните пари во апоени од 10 и 50 денари, коишто се во оптек од 8 септември 1996 година и коишто се издадени според Одлуката за издавање, апоенска структура и основни белези на книжните пари и Одлуката за издавање на банкноти во апоени од 10, 50 и 100 денари со изменети белези, се повлекуваат од оптек, со бесплатно издавање други книжни и ковани пари во еквивалентен износ.

Книжните пари кои се посочени во Одлуката престануваат да бидат законско средство за плаќање сметано од 15 мај 2018 година и тие ќе бидат заменувани од 15 мај 2018 година до 15 мај 2019 година. Замената ќе се врши од страна на банките основани во Република Македонија. Од 16 мај 2019 година, замената на книжните пари ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.

Од Народната банка велат дека книжните пари ќе бидат заменети со полимерни банкноти од 10 и 50 денари, кои ќе ги заменат досегашните хартиени банкноти. Со воведување на новите банкноти од 10 и 50 денари, истакнуваат од Народната банка, почнува процесот на полимеризација на банкнотите во земјава. Полимерните банкноти се изработени на современ начин и со најсовремен материјал и не се оштетуваат лесно.

Анализите покажуваат дека животниот век на банкнотите изработени од полимер е подолг за 2,5 до три пати, а во некои случаи и за четири пати од оној на банкнотите изработени од хартијата во чијашто основа се памучни влакна. Овие банкноти се изработуваат од флексибилна пластична фолија и содржат безбедносни карактеристики за заштита од фалсификување.

Полимерните банкноти почнуваат со употреба во 1988 година, и  тоа во Австралија, а денес се употребуваат во над 20 држави,  меѓу кои во Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Малдиви, Романија.

Во врска со Одлуката, Народната банка ги известува сите правни лица коишто ги одржуваат машините за обработка на пари и автоматите за наплата со готовина на територијата на Република Македонија дека по 15 мај 2018 година ќе започне периодот во којшто ќе можат да ги приспособат софтверите за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари. Доколку правните лица не се во можност од деловните банки да обезбедат соодветни примероци од полимерните пари за потребните софтверски приспособувања, можат да се обратат до Дирекцијата за трезорско работење на НБРМ, каде што ќе им бидат обезбедени потребните количини од полимерните пари.

„Потсетуваме дека и во периодот на надградбата на автоматите за наплата со готовина, односно нивното софтверско приспособување, граѓаните ќе може непречено да остваруваат плаќања преку овие автомати со кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари, коишто и по 15 мај остануваат во оптек и се законско средство за плаќање во Република Македонија“, велат од НБРМ.

М.В