/ Прочитано:

1.104

Почнува судењето за двајца демонстранти од протестите против аболицијата

На осомничените Н. А. (30) и Ф. Н. (30) најпрво им беше определен куќен притвор во траење од осум дена, кој им беше продолжен за нови 30 дена.

Полиција протести

Двајца демонстранти кои се осомничени за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело, денеска ќе седнат на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1.

Демонстрантите беа уапсени на 14 април поради основи на сомневање дека за време на одржување на ненајавен протестен собир, на кој присуствувале околу 2 000 граѓани, учествувале во толпа, при што фрлале тврди предмети, го кршеле инвентарот и извршиле други оштетувања на надворешноста и на внатрешниот дел на објектот на Народната канцеларија на Претседателот на РМ, предизвикувајќи значителна материјална штета.

На осомничените Н. А. (30) и Ф. Н. (30) најпрво им беше определен куќен притвор во траење од осум дена, кој им беше продолжен за нови 30 дена.

„Во врска со настанот запознаен е јавен обвинител и по прегледувањето на видеозаписи, од страна на јавниот обвинител и полициски службеници од Единицата за насилен криминал, е констатирано дека Н. А. и Ф. Н. активно учествувале во група што врши оштетување на Народната канцеларија на Претседателот на РМ, изнесување на инвентар од истата и опожарување на инвентарот на коловозот“, стоеше во полицискиот извештај.

Нови 30 дена куќен притвор добија и членовите на „Левица“ Здравко Савески и Владимир Куновски, кои беа уапсени на 25 април исто така за учество во демонстрациите од ноќта на 13 април.

Покрај лицата кои добија кривични пријави, против 11 демонстранти беа поднесени прекршочни пријави.

„Во дадените изјави пред полициските службеници, пријавените, како и останатите 11 приведени во целост негираа каква било поврзаност со кривичното дело, односно дека биле присутни на протестот и дека мирно протестирале, што не соодветствува со утврдената фактичка состојба од страна на ПС ОН „Центар“, за што против 11 лица се поднесени барања за поведување на прекршочна постапка според член 14 и 15 од ЗППЈРМ“, се наведува во соопштението од МВР.