/ Прочитано:

1.767

Почнуваат институционални подготовки за ратификација на Истанбулската конвенција

Министерствата за труд и социјална политика и за здравство денеска на заедничка прес-конференција информираа дека во наредниот период ќе се почне со преглед на моменталната состојба и предложување рамка за собирање податоци за следење на семејното и на сексуалното насилство, во согласност со стандардите на Истанбулската конвенција. Освен тоа, до крајот на годинава од страна на Министерството за труд и социјална политика ќе биде отворен центар за заштита на жртви на сексуално насилство, а истовремено и во општите болници во Скопје, Куманово и во Тетово ќе бидат отворени пилот-центри за првично згрижување и понатамошно упатување на жртвите на сексуално насилство. Сите овие активности ќе бидат дел од проектот: „Подготовка за ратификација на Истанбулска конвенција - Усвојување на подобри политики и пракси за елиминација на насилството врз жените“.

Македонија почнува интензивни подготовки за ратификација на Истанбулската конвенција или, како што гласи целото име, Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство. Министерствата за труд и социјална политика и за здравство денеска на заедничка прес-конференција информираа дека во наредниот период ќе се почне со преглед на моменталната состојба и предложување рамка за собирање податоци за следење на семејното и на сексуалното насилство, во согласност со стандардите на Истанбулската конвенција. Освен тоа, до крајот на годинава од страна на Министерството за труд и социјална политика ќе биде отворен центар за заштита на жртви на сексуално насилство, а истовремено и во општите болници во Скопје, Куманово и во Тетово ќе бидат отворени пилот-центри за првично згрижување и понатамошно упатување на жртвите на сексуално насилство. Сите овие активности ќе бидат дел од проектот: „Подготовка за ратификација на Истанбулска конвенција – Усвојување на подобри политики и пракси за елиминација на насилството врз жените“.

Елиминацијата на насилството врз жените е еден од приоритетите на Владата, нагласи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, потенцирајќи дека за планираните активности, кои ќе бидат во насока на ратификација на Истанбулската конвенција, ќе биде потребна финасиска помош, како од страна на државата, така и од страна на меѓународните фондови.

„Сексуалното, заедно со семејното насилство, претставува најдоминантен облик на родово базирано насилство. Како Министерство за труд и социјална политика, со останатите релевантни институции и меѓународни организации, веќе сме во процедура и подготовка за отворање центар за заштита на жртвите од сексуално насилство. Тоа ќе подразбира сместување жртви на сексуално насилство, откако претходно ќе поминат низ трите центри што Министерството за здравство ќе ги отвори. Во центарот жртвите на овој вид насилство ќе добијат психосоцијална поддршка и помош за нивна ресоцијализација и реинтергација. За функционирање на овој центар, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права, ќе се изработат интерни документи што се однесуваат на постапките и процедурите на упатување, сместување, престој, правила за однесување на ангажираниот персонал, протоколот за заштита и сл. Ќе бидат изработени протоколи за постапување со жртви на сексуално насилство, во согласност со законските обврски и обврските од Конвенцијата“, истакна министерката Царовска.

Царовска рече дека овој центар ќе има капацитет за сместување на 10 лица, притоа нагласувајќи дека локацијата ќе биде тајна. Партнери во менаџирање на овој центар, како што рече министерката, ќе бидат граѓанските организации. Според неа, од особена важност е и законската регулатива која правно ќе ја уредува оваа област.

„Потребен е сеопфатен закон кој ќе ги третира сите видови родово базирано насилство. Ова е само еден дел од услугите што се потребни да се воспостават во согласност со конвенцијата. МТСП пред две недели објави повик за поддршка на граѓански организации кои ќе менаџираат центри и други тип услуги за семејно насилство. И тоа е исто така пакет на услуги што се потребни да се нудат, а се утврдени со конвенцијата која Македонија треба да ја ратификува“, нагласи министерката Царовска.

Министерот за здравство Арбен Таравари истакна дека Истанбулската конвенција ќе биде голем чекор напред кон елиминација на насилството врз жените и дека овој проект ќе придонесе за подигнување на свеста и ќе ги елиминира предрасудите кон родово базираното насилство.

„Во оваа пригода сакам да изразам благодарност и до претставниците на УНДП, кои се стратешки партнери на Македонија во оваа област. Министерството за здравство е отворено за соработка и во континуитет ќе ја обезбедува потребната поддршка во овој процес. Истанбулската конвенција е фокусирана токму на насилството врз жените и девојките, посебно во делот на сексуалното и семејното насилство, а ратификацијата на оваа Конвенција ќе овозможи покоординиран и институционален одговор кон сите видови насилство врз жените. Истанбулската конвенција како меѓународен документ содржи најсеопфатни законски решенија и политики за заштита на жените. Ова прашање ќе биде едно од приоритетите на Министерството за здравство“, изјави министерот Таравари.

За реализација на подготовките за ратификација на Истанбулската конвенција, финансиска помош во износ од 300.000 долари овозможува Програмата за развој на Обединеите нации (УНДП). Постојаниот координатор на УНДП, Лиуза Винтон, истакна дека Истанбулската конвенција претставува инструмент на меѓународното законодавство кој може многу да помогне во борбата за елиминирање на насилството врз жените.

„Поддршката на ратификацијата и имплементацијата на Конвенцијата е приоритет на сите агенции на ОН што се присутни во државата. Затоа сум горда дека го почнуваме овој проект, сега и тука, заедно со нашите два владини партнера. Истанбулската конвенција содржи сеопфатна законска и институционална рамка која не се фокусира само на заштита на жртвите и на казнување на сторителите, туку сака и да спречи насилството да се случи. А во неа се вели дека единствениот начин да се направи ова е да се постигне целосна еднаквост меѓу мажите и жените, со елиминирање на сите форми на дискриминација, родови стереотипи и промена на ставовите“, појасни Винтон.

Таа се осврна на статистичките податоци од оваа област, нагласувајќи дека во согласност со досегашните податоци, една од три жени во Македонија ќе биде жртва на некоја форма на родово засновано насилство во текот на нејзиниот живот, а во светски рамки еден од секои шест луѓе ќе биде жртва.

„Токму поради ваквите статистички податоци, ОН го гледа насилството против жените како една од најзастапените повреди на човековите права во светот“, рече Винтон.

Во текот на процесот на подготовка на Македонија за ратификација на Истанбулската конвенција ќе се организираат експертски дебати и обуки за сите релевантни страни, како и истражување за алтернативни модели на функционирање на шелтер-центри за жртви на семејно насилство. Дополнително, меѓу планираните активности ќе биде и поддршката на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ преку која ќе се работи на подигнување на јавната свест и искоренување на предрасудите и негативните родови стереотипи.

Истанбулската конвенција воспоставува силна практична база за превенција, заштита на жените и на девојчињата од насилство и прогон на насилниците. Овој документ има за цел да воспостави еднакви права помеѓу мажите и жените со тоа што ќе се елиминира родово базираното насилство.

Со ратификацијата на Истанбулската конвенција од државата се очекува да воспостави правен и институционален систем кој ќе обезбеди превенција, заштита на жртвите на родово базирано насилство и прогон на сторителите. Сето ова ќе придонесе кон воспоставување еднакви можности на жените и мажите и нулта толеранција кон каков било тип родово базирано насилство.

Македонија ја потпиша Конвенцијата во 2011 година, но сè уште ја нема ратификувано. Инаку, досега 24 европски земји го ратификуваа овој документ.

А. Б.