/ Прочитано:

1.197

Поддршката на жртвите од тортура е обврска и почитување на демократските принципи

Борбата против тортурата и нехуманиот третман во Македонија не смее да биде само декларативна, вели Народниот правобранител.

„Обврската за борба против тортурата и нехуманиот третман не смее да биде само декларативна, туку крајно време е властите да преземат конкретни мерки и активности за сузбивање на ваквите состојби, а на жртвите што биле предмет на мачење или друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување да им обезбедат соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка“, се наведува во соопштението од Народниот правобранител по повод 26 јуни, Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура.

Поддршката на жртвите од тортура, вели Народниот правобранител, е една од основните обврски на секое општество кое ги почитува демократските принципи и меѓународните стандарди за човековите права.

„Народниот правобранител како Национален превентивен механизам врши континуиран мониторинг во местата на лишување и ограничување на слободата на движење и постојано алармира за нехуманите услови и понижувачкиот третман на кој се изложени лицата во овие места“, нагласува Народниот правобранител.

Генералното собрание на Обединетите нации, на 12 декември 1997 година, со Резолуцијата 52/149, го прогласи 26 јуни како Меѓународен ден за поддршка на жртвите на тортура, со цел целосно искоренување на тортурата и ефективно функционирање на Конвенцијата против тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.

М.В