Подгорица: Го убил својот адвокат поради незадоволството од водењето на судската постапка
Петок, 9 ноември 2012 – Зоран Пајовиќ (54) од Подгорица, вчера наутро во центарот на Подгорица го убил својот адвокат Влада Бјековиќ (72) кој го застапувал во парничната постапка против „Ловќен осигурување“. Пајовиќ од осигурителната компанија барал надомест на штета за сообраќајната несреќа во која загинал неговиот 6-годишен син, јавуваат тамошните медиуми.
Како што пренeсуваат црногорските медиуми, причина за оваа трагедија, било незадоволството од тоа како адвокатот ја водел судската постапка што се одвивала во Основниот суд во Подгорица. По завршувањето на рочиштето, Пајовиќ со својот автомобил го пресретнал адвокатот, излегол од истиот и по расправијата со Бјековиќ испукал во него 5 куршуми. По ова избегал од местото на убиството, но полицијата го уапсила 15-на минути подоцна во неговата куќа. Кај Пајовиќ бил најден и револверот со кој било извршено убиството.
„Морав да го направам тоа, човекот ме ограби, го ограби моето мртво дете“, викал тој пред својата куќа, тврди неговиот брат. По ова, како што изјавиле членови на семејството, Пајовиќ сакал да се самоубие, но бил спречен.
„Министерството за правда и човекови права со неверување ја прими веста за убиството на адвокатот Бјековиќ. Денешното злосторство е пукање во црногорската адвокатура, во правниот поредок на Црна Гора“, се огласи Министерството за правда и човекови права на Црна Гора.