/ Прочитано:

3.296

Подготовката на тужба и жалба во фокусот на вториот циклус обуки за студенти во организација на Академик

Академик одржа уште две обуки посветени на правните поднесоци, со посебен фокус на  формата, содржината и начинот на подготовка на тужба и подготовката на жалба и видовите жалби. На двете обуки, со кои се заокружи вториот циклус обуки за пишување правни поднесоци, предавач беше судијката Антоанета Димовска, чиишто презентации и практични совети студентите ги применија во текот на практичните вежби кои се дел од обуките.

„Како и на првиот циклус обуки така и на овој втор циклус обуки имаше извонредни студенти кои многу брзо го совладаа кажаното и потоа го применија во подготовката на правните поднесоци. Многу сум задоволна од начинот на кој ги презентираа своите знаења и слободно може да се каже дека овие талентирани млади луѓе во иднина ќе бидат многу добри правници“, истакна судијката Антоанета Димовска.

Како што образложи судијката Димовска, според  Законот за парничната постапка, парничната постапка се поведува со тужба. Тужбата треба да содржи определено барање во поглед на главната работа и на споредните барања, факти врз кои тужителот го заснова барањето, докази со кои се утврдуваат овие факти, како и други податоци што мора да ги има секој поднесок.

Секогаш мора да имате на ум, им нагласи судијката Димовска на студентите, дека подготовката на тужбата бара добро познавање на случајот и на процедурално-правната материја и прописите кои треба да се применат во даден случај. Но, додаде Димовска, треба да имате на ум и дека тужбата не значи само формализам и запазување на формата, туку и суштина и познавање на историјатот на конкретен случај.

„Подготовката на жалбите и видовите жалби, исто како и прашањето за формата, содржината и начинот на подготовка на тужба, бара одлична практична подготовка“, истакна судијката Димовска, образложувајќи дека практичната подготовка мора да биде фокусирана на примената на процесните закони и процесното право.

Во членот 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања. Во Законот за парничната постапка пак е пропишано дека против пресуда донесена во прв степен странките можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставување на преписот на пресудата, ако во овој закон не е определен друг рок. За жалбата против пресудата одлучува второстепениот суд.

Покрај податоците што мора да ги содржи секој поднесок, жалбата треба да содржи и означување на пресудата против која се изјавува жалба, изјава дека се побива пресудата во целост или во определен дел, причина за жалбата и потпис на подносителот на жалбата.

Применувајќи ги советите од судијката, студентите, поделени во неколку групи  работеа на хипотетички тужби и жалби, кои понатаму беа оценувани од страна на  судијката Димовска, која во Основниот суд Скопје 2 работи на граѓанските парнични предмети, а како истакнат судија и правник била предавач на бројни обуки и едукативни настани посветени на судската практика и примената на законите од областа на правосудството.

„Предавањето на судијката беше одлично, а посебно ми оставија впечаток практичните вежби. Секако дека овие обуки многу ќе ни користат во нашиот развој како млади правници“, истакна Борис Герасовски.

Марија Јовановска нагласи дека обуките на студентите им отвориле уникатна можност на практичен начин да се обучат за пишување на правните поднесоци. Овие прашања, посочи таа, се важни за правната професија и затоа мора да знаеме како се подготвува тужба и жалба.

Студентот Давид Хауптфелт, кој доаѓа од Словенија, а тука е на студии, подвлече дека обуките на Академик се на современо ниво и имаат модерен концепт на реализација. За обуките, рече, дознав од моите професори кои имаа пофални зборови бидејќи на нив студентите стекнувале одлични знаења.

„Од тие причини дојдов и јас на овие обуки и се согласувам со она што ми беше кажано за нив во однос на квалитетот и користа што ја имаат студентите од учеството на нив“, нагласи Давид Хауптфелт.

„Супер беше обуката, супер беше и судијката. Имавме корисно предавање и многу интерактивност. Задоволна сум од начинот на кој беше реализиран овој циклус на обуки“, вели Ангела Јошевска.