/ Прочитано:

2.034

ПОДИГНУВАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ: Насилството врз жените е кршење на човековите прва

Со работилница посветена на потребите од ратификување на Истанбулската конвенција, денеска започна серијата работилници кои ќе се одржат во рамките на проектот „Насилството врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаите на насилство врз жените“.

akademik foto

Унапредувањето на техниките за известувањето и медиумската покриеност на случаите на насилство врз жените се клучни во подигнувањето на општествената свест за борба против насилството врз жените и против домашното насилство, беше заклучено на денешниот настан, на кој говореа Елена Димушевска и Санела Шкриељ од  Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, и Наташа Доковска од  Здруженито на новинари за човекови права.

Целта на проектот, како што истакна  Елена Димушевска, е унапредување на соработката на граѓанските организации и медиумите во насока на подигнување на свеста кај пошироката јавност за постоење на различни форми насилство врз жени и девојки.

„Потребен е заеднички настап во процесот на застапување за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство“, рече Димушевска.

Таа образложи дека на работилниците ќе бидат обработени повеќе теми за различните форми на насилство врз жените,  а посебно за сексуалното насилство и силувањето, физичкото насилство и фемицидот, интимното партнерско насилство и семејното насилство, насилството врз жените со попреченост, присилната стерилизација, присилниот и селективен абортус,  договорените бракови, малолетничките бракови и продажбата на сопруги, насилството врз жени мигрантки и азилантки, насилството врз жените од особено ранливи малцински групи.

akademik foto

Димушевска истакна дека во Македонија постојат половични решенија во однос на борбата против насилството врз жените и против домашното насилство, за што говори и фактот дека има неефикасна правна рамка и институционални слабости, како на пример непостоење на потребните 20 центри за згрижување и непостоење на специјализирани сервиси за помош на жените и девојките.

Во таа насока, Димушевска го нагласи значењето од ратификување на Истанбулската конвенција од страна на Република Македонија, која е нејзин потписник. Со ратификувањето на Конвенцијата, додаде Димушевска, ќе се добие ефективна правна рамка и ќе се создадат услови за целосно третирање на сите облици на насилство врз жената.

Истанбулската конвенција е важна бидејќи упатува на тоа дека насилството врз жените е родово базирано и, во таа смисла, тоа подразбира и нарушување на човековите права. Оттука, Ковенцијата ги обврзува државите, коишто ја ратификувале, да преземат низа мерки за соодветна заштита на жените што поминале низ семејно насилство и за казнување на сторителите.

Повеќе за Истанбулската конвенција, односно за Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, говореше Санела Шкриељ од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, која посебно се осврна на состојбата со насилство врз жените во Македонија, на домашната законска регулатива, на формите на насилство опфатени во Конвенцијата и на придобивките од ратификацијата.

akademik foto

„Истанбулската конвенција е првиот правно-обрзувачки документ на Европа на полето на насилство врз жените и домашното насилство и најдалекусежниот меѓународен договор за справување со ова кршење на човековите права. Таа поставува стандард во сите области во кои треба да се дејствува и е прв меѓународен документ во кој насилството врз жените е кршење на човековите права. Истанбулската конвенција ги прецизира сите видови насилство кои треба да се пријават и за кои постојат казани за сторителите. Насилство не е само физичкото и психичкото насилство, туку и демнењето, принудата на секс, силувањето, сексуално вознемирување на работно место, малолетничките бракови, купувањето невести, гениталното осакатување, принудата на абортус и стерилизација и ред други форми “, рече Шкриељ, образложувајќи дека со Конвенцијата се обврзуваат државите да обезбедат холистички пристап при рекацијата на насилството врз жените.

Во согласност со посочените придобивки од Конвенцијата, тие мерки подразбираат вклучување на сите релевантни фактори во спроведувањето на кампањите и мерките за зајакнувањето на свеста. Сепак, како што додаде Шкриељ, Македонија не ја ратификува Конвенцијата поради отсуство на подготовка за примената на конвенциското право и подготовката на соодветен финансиски план.

За новинарските практики од известувањето за случаите на насилство врз жените  говореше Наташа Доковска од Здруженито на новинари за човекови права.  Доковска укажа на потребата од поголемо медиумско третирање на тематиката од исклучиво општетсвено значење, но на начин кој ќе биде методолошки и терминолошки коректен и кој ќе допре до суштината на проблемот.

akademik foto

„Во таа смисла, треба да се избегне дополнителна и инстантна виктимизација на жртвите“, нагласи Доковска, посочувајќи притоа и на примерот со терминот „жртва“, кој треба да се замени со поинаква описна терминологија како што е „жени кои преживеале или поминале низ семејно насилство“.

M.В / veljanoskim@akademik.mk