/Прочитано:

1.470

Поднесен обвинителен акт за „Пуч“

Четврток, 30 април 2015 – Основното јавно обвинителство, за организиран криминал и корупција, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска достави обвинителен акт против пет лица кои се дел од предметот во јавноста познат како „Пуч“, информираше  вечерва Основниот суд Скопје 1. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е четвртообвинет се товари за за кривичното дело насилство спрема претставници од највисоки државни органи од член 311 в.в со член 19 од КЗ.

Првообвинет е Зоран Верушевски. Ексразузнавачот, кој месецов во друг предмет ќе седне на обвинителна клупа за недозволено поседување оружје, во „Пуч“ се товари за неовластено прислушкување и тонско снимање од член 151 ст.4 в.в со ст.1 в.в со член 23 и член 45 од КЗ, шпионажа од член 316 ст.4 од КЗ и Насилство спрема претставници од највисоки државни органи од член 311 в.в со член 24 од
КЗ.
Меѓу петмината обвинети, е и сопругата на Верушевски, еден вработен во општина Струмица и уште еден вработен во МВР.
„Обвинетиот Ѓ.Л. е обвинет за кривичните дела Неовластено прислушкување и тонско снимање од член 151 ст.4 в.в со ст.1 в.в со член 23 и член 45 од КЗ, Шпионажа од член 316 ст.4 од КЗ. Обвинетата С. В. за кривичното дела Шпионажа од член 316 ст.4 од КЗ. Обвинетиот Б.П. за кривичното дело Насилство спрема претставници од највисоки државни органи од член 311 в.в со член 24 од КЗ“, се вели во соопштението на Судот. Обвинителниот акт е распределен на совет за оценка. Воедно кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, ја продолжил мерката притвор за Зоран Верушевски и уште тројца од обвинетите, поради, како што се наведува, тоа што сѐ уште стојат причините поради кои истата е определена. Шестоосомничениот во овој случај, З.К., во февруари  се спогоди со обвинителството при што доби казна затвор од три години. Е. П.