Поднесен Закон за продажба на станови во државна сопственост доделени на користење на вработени во МВР
Група пратеници поднесоа Предлог-закон за продажба на станови во државна сопственост доделени на користење на вработени во Министерството за внатрешни работи и безбедносно-разузнавачките служби.
„Со овој закон се уредува статусот на станови во државна сопственост кои се доделени на користење на лица кои се вработени во Министерството за внатрешни работи и безбедносно-разузнавачките служби, како и на лица кои стекнале право на пензија во Министерството за внатрешни работи.
На наведените категории лица становите им се доделени од страна на Комисијата за станбени прашања при Владата на Република Северна Македонија и за кои се склучени договори за закуп со Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, без право на откуп, до завршување на посебните должности неопходни за остварување на основната функција на Министерството за внатрешни работи, што не овозможува трајно решавање на нивното станбено прашање.
Корисниците на овие станови, кои им се доделени на користење по претходно наведените основи, подолг временски период не можат да ги откупат овие станови според одредбите од важечкиот Закон за домување.
Со Предлогот за донесување на Законот за продажба на станови во државна сопственост за вработените во Министерството за внатрешни работи и безбедносно-разузнавачките служби ќе им се овозможи на корисниците на предметните станови, кои ги користат согласно наведените основи и согласно условите предвидени со овој закон, да ги откупат предметните станови и со тоа трајно да го решат своето станбено прашање.
Со Предлог-законот, исто така, се овозможува и право на откуп на оваа категорија на станови да имаат и лица кои се стекнале со правото на пензија во Министерството за внатрешни работи, како и лицата од потесно семејство на корисникот на станот кој починал, доколку живееле во станот и ги исполнуваат условите предвидени со предложениот закон.
Продажната цена на станот ќе се утврдува врз основа на градежната вредност, трошоците за уредување на градежното земјиште, местоположбата и амортизација на станот, од страна на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката. За утврдување на продажната цена на станот, за начинот на плаќањето на цената на станот, за уплатата на средствата за плаќање на станот и за заверувањето на договорот за продажба на станот, соодветно ќе се применуваат одредбите од Законот за продажба на становите во општествена сопственост“, се вели во законското образложение.
М.В