/ Прочитано:

1.444

Поднесено обвинение против шест лица во случајот „Еразмус“

Обвинителството ги товари обвинетите врз основа на докази што го потврдуваат основаното сомневање дека во повеќе наврати во подолг временски период, односно во текот на 2015 и 2016 година, како лица вработени на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, искористувајќи ја својата положба, сториле кривични дела.

Табла, Основно јавно обвинителство Скопје

По спроведување на сеопфатна истражна постапка и по прибирањето на докази во предметот, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе обвинителен акт против шест лица осомничени во предметот „Еразмус“.

Во соопштението до јавноста е наведено дека Обвинителството ги товари обвинетите врз основа на докази што го потврдуваат основаното сомневање дека во повеќе наврати во подолг временски период, односно во текот на 2015 и 2016 година, како лица вработени на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, искористувајќи ја својата положба, сториле кривични дела.

Обвинетите Б. Ш. и С. Р. се товарат за сторено кривично дело – примање поткуп, од чл. 357 ст. 1 од КЗ, лицето Д. Ј. се обвинува дека сторило кривично дело – примање поткуп, од чл. 357 ст. 1, и кривично дело – примање награда за противзаконито влијание, од чл. 359 ст. 2 од Кривичниот законик.

Обвинетите Љ. Ј. и С. Д. се товарат за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, од чл. 353 ст. 1 од Кривичниот законик. Со обвинителниот акт се обвинува и лицето Д. Д. за сторени три кривични дела – давање поткуп, од чл. 358 ст. 1 од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја запре истражната постапка за лицето Т. Ф., ценејќи дека нема докази кои потврдуваат дека осомничениот го сторил кривичното дело.

Инаку, во средината на септември им беше изречена забрана за предавање на четворицата професори, Б. Ш, Д. Ј., С. Р. и Љ. Ј., од Економскиот факултет осомничени во „Еразмус“. Со одлука на судијата на претходна постапка, а по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, на професорите им беа определени мерки за претпазливост од членот 146 ст. 1 т. 7 – забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, мерка што ќе трае додека постои потреба, а најдолго до правосилноста на пресудата.

Истражната постапка за предметот „Еразмус“ започна во јуни кога беа осомничени шестемина професори, меѓу кои и поранешниот декан на Економскиот факултет, еден асистент од Факултетот и сопственикот на бифето. Тогаш Судот на петмина осомничени им определи мерки за претпазливост – обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице и кај надлежен државен орган и им беа одземени патните исправи за преминување на државната граница.

Според информации од Обвинителството, групата од осум лица дејствувала организирано и била следена со посебни истражни мерки во текот на 2015 и 2016 година. Коруптивните дела за кои постоело сомневање дека се одвиваат на Економскиот факултет се сложени, се одвивале тајно, поради што Обвинителството спровело посебни истражни мерки, но, како што тогаш потенцираше Лидија Раичевиќ, обвинителката која го води предметот, покрај ПИМ, постојат и голем број други докази.

М. С.