/ Прочитано:

1.087

Подобрување на даночните системи преку програмата „Фискалис“ на Европската Унија

Управата за јавни приходи во периодот 17 и 18 октомври 2018 година ќе биде домаќин на националните координатори на ЕУ-програмата „Фискалис 2020“, на која ќе присуствуваат 33 учесници од земји членки на ЕУ и земји кандидати за членство во ЕУ, како и двајца претставници од Директоратот за царина и оданочување при Европската комисија.

Програмата „Фискалис 2020“ е програма на Европската Унија во рамките на Генералниот директорат за даноци и царина под раководство на Европската комисија, чија oсновна цел е да се подобри функционирањето на даночните системи преку зголемување на соработката, размена на информации помеѓу земјите учеснички, нивните администрации и службеници во полето на даноците. Освен даночните администрации на земјите членки на Европската Унија, програмата е отворена и за даночните администрации на земјите со кандидатски статус.

Оваа програма овозможува финансиска поддршка која покрива заеднички активности (семинари, работилници, работни посети, студии), градење на европските информациони системи, (заедничко интегрирање на големи трансевропски ИТ-системи, како и воспоставување на мрежи преку здружување на национални претставници од цела Европа), активности за заеднички обуки за поддршка на потребните професионални вештини и знаења во врска со оданочувањето.

Управата за јавни приходи беше корисник на програмата „Фискалис 2013“ во периодот 2009–2013 година, а во периодот 2014–2020 година е корисник на програмата „Фискалис 2020“.

M.В