/ Прочитано:

1.125

Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети на судии и мониторирање на судските реформи

Министерството за надворешни работи и Комонвелтот, Министерството за правда на Република Македонија и Центарот за правни истражувања и анализи заеднички ќе соработуваат со цел успешно да се спроведе програмата „Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети на судии и мониторирање на судските реформи“. За таа цел е потпишан и Меморандум за соработка. Меморандумот ќе важи до 31 март 2018 година.

akad 2

Според министерот за правда Валдет  Џафери, со оваа програма ќе се воспостават алатки и методи кои ќе го поддржат македонскиот правосуден систем во зголемувањето на независноста и довербата на јавноста во правосудството и дека програмата ќе се имплементира преку Матрицата на индикатори за мерење на реформите на правосудството, зголемување на капацитетите на судиите во унифицирана примена на правото преку употреба на судска пракса и дека ќе придонесе за подигнување на јавната свест за економската вредност на правдата во судството.

Зголемените капацитети кај судиите, подобрениот перформанс на судскиот систем, зголемената доверба во судството од страна на јавноста и зголемената независност на судството значат подобар пристап до правдата за сите граѓани, истакнува британскиот  амбасадор Чарлс Гарет.

Во врска со програмата, тој истакнува дека таа е можност за сите кои работат во рамките на судскиот систем да дадат и личен придонес во зајакнувањето на клучните принципи, како: доследноста, правната извесност, предвидливоста и транспарентноста. Со имплементирањето на оваа програма, смета британскиот амбасадор, се овозможува посилен судски систем кој значи и посилна држава.

Претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи, Лидија Стојкова-Зафировска, вели дека програмата, која ќе се спроведува низ три компоненти, има за цел да воспостави алатки и методи кои ќе го поддржат македонскиот правосуден систем во своите активности во насока на зголемување на неговата независност и зголемување на довербата на јавноста во правосудството.

Со цел да се поддржи објективната процена на напредокот на реформите на судството во Македонија, програмата ќе воспостави и ќе спроведе сеопфатен систем за набљудување на работата и резултатите на македонскиот правосуден систем. Овој систем ќе се користи како алатка за информирање за процената на напредокот на реформите.

Програмата, исто така, ќе обезбеди обука за градење на капацитети за судиите и ќе дизајнира методологијата за единствена примена на законите со цел да се консолидира знаењето и разбирањето помеѓу судиите и да се обезбеди поголема транспарентност, ефикасност и квалитет на пресудите. Исто така, вели Стојкова-Зафировска, програмата ќе обезбеди споделување на искуството и стручноста од Велика Британија во користење на судската пракса за интегрирање на транспарентност и предвидливост на правдата и за подобрување на јавната доверба во судскиот систем во Македонија. Ефектите од оваа поддршка се очекува да влијаат на квалитетот, независноста и ефикасноста на правдата, што ќе биде предмет на мерење на Матрицата на индикатори за правосудството.

slika

Во таа насока, со цел да се поддржи одговорноста и транспарентноста на работата на судовите, програмата ќе обезбеди анализа заснована на докази за економската вредност на правдата преку студија на случаи за трошоците во граѓанските предмети. Ќе биде направена споредба на трошоците во различни инстанциони надлежности, таму каде што податоците ќе го дозволат тоа. Анализата ќе го илустрира она што треба да го имаат предвид граѓаните кога ќе влезат во судски процес.

Во рамките на овој сегмент, ќе биде структурирана и покрената кампања за подигнување на јавната свест, насочена кон информирање на јавноста во врска со економската вредност на правдата, како параметар на граѓаните и економската благосостојба на државата и ефикасноста на судството.

Од основањето во 2012 година, Центарот за правни истражувања и анализи – ЦПИА работи во областа на владеењето на правото, пристапот до правдата, демократизацијата, доброто владеење и човековите права. ЦПИА се залага за постигнување на своите цели преку активности поврзани со правни истражувања, развој на правни ресурси, мобилизирање на заедницата, градење правна свест и обезбедување правни совети и мислења.

Мисијата на здружението е да ги оспособи граѓаните, како индивидуално така и колективно, подобро да го разберат функционирањето на правниот систем и неговата ефикасност и влијанието што го има врз нивниот живот во рамките на владеењето на правото.

Еден од проектите  на ЦПИА „Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса во македонскиот правен систем“, а кои се однесуваат на судската пракса, има цел да даде поддршка на судството во однос на воспоставувањето и развојот на унифицирана судска пракса, во согласност со најдобрите практики и стандарди на ЕУ и на нејзините земји членки.

Опсежно оценување на постојната состојба, вклучувајќи осврт кон правната рамка, донесување наоди и заклучоци и давање препорака за создавање и развој на систем за унифицирана судска пракса во рамките на македонското судство, создавање мрежа на квалификувани и едуцирани застапници за промените, низ обуки кои ќе бидат скроени по мерка, користејќи експертиза и вештини од ЕУ, со тоа што ќе се понудат суштествени модули и програми за обучување во системот на континуирана едукација и предлагање спецификации и решенија за информатички барања како поддршка за усогласувањето на судската пракса, се трите најзначајни аспекти на овој проект.

Новата пракса во којашто ќе има применето соодветни информатички решенија, како автоматско објавување на сите судски одлуки, истакнуваат од ЦПИА,  уште повеќе ќе ја надополни работата која има цел да развие одржлива и воедначена судска пракса.

М.В