/ Прочитано:

1.475

ПОДОБРУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА КОРИСНИЦИТЕ: Правилникот за „општи услови“ на АЕК со нови правила за операторите

AEK го усвои Правилникот за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги што ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува АЕК.

Значително подобрување на правата на корисниците

Прашањето за промените на регулативата од областа на електронските комуникации беше предмет на јавна расправа и на Вториот јавен состанок во АЕК на кој се дискутираа новите измени во регулативата, меѓу кои и новиот т.н. Правилник за општи услови. Со овој правилник, велат од АЕК, се регулираат правата и обврските на корисниците на електронски комуникации и на операторите во Република Македонија и тој претставува една од круцијалните новини во регулативата од оваа сфера.

„Со новиот Правилник значително ќе се подобрат услугите од областа на електронските комуникации и правата на корисниците. Основа за подготовка на новиот Правилник се последните измени во Законот за електронски комуникации и поднесените приговори до Регулаторот во изминатиот период“, вели директорот на АЕК, Роберт Ордановски.

Хармонизација со Законот за електронски комуникации

Бојана Стефановска, претставник од правниот сектор на АЕК, во својата анализа за промената на регулативата на АЕК посочува дека промените се иницирани од потребата од усогласување со легислативата на ЕУ и хармонизацијата на Законот за електронски комуникации.

Како што објаснува Стефановска, во Правилникот се опфатени времетраењето на претплатничкиот договор, претплатничките договори, без разлика на начинот на плаќање, заштитата и принципот на мрежна неутралност.

Од АЕК велат дека покрај усогласување со новиот Закон за електронските комуникации за создавање на овој правилник големо влијание имале барањата за решавање спорови од страна на граѓаните кои АЕК ги добила во изминатата година.

„Покрај усогласување со новиот Закон за електронските комуникации, за создавање на овој правилник големо влијание имаа барањата за решавање на спорови од страна на граѓаните кои АЕК ги доби изминатата година, според кои до АЕК во втората половина на 2014 година пристигнаа вкупно 792 вакви барања“, образложуваат од АЕК.

Што се предвидува во новиот Правилник за „општи услови“?

Поважни работи што се воведени во Правилникот за општи услови се:

Претплатничкиот договор треба да биде во јасна, сеопфатна и лесно достапна форма и треба особено да содржи податоци и информации за:

  • услугите што се обезбедуваат, опис на услугата, начин на тарифирање, рекламирана брзина на проток на податоци при симнување (download) и прикачување (upload), минимална брзина на проток на податоци при симнување (download) и прикачување (upload), програмскиот пакет, односно листата на програмски сервиси што ги реемитува операторот во моментот на склучување на претплатничкиот договор, за кои е издадена потврдата за регистрација од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, информација за вклучената количина на податоци и цената и условите при надминување на оваа количина;

Операторот има обврска за известување на претплатниците за сите предложени измени на условите во договорот во рок не пократок од 30 дена. Доколку претплатникот не ги прифаќа новите услови, може без казнени пенали да го раскине договорот.

  • Во спротивно, доколку не се исполнети условите пропишани во договорот, претплатникот ќе може да го раскине претплатничкиот договор без плаќање казнени пенали за раскинување на договор.

Контрола на трошоците, во согласност со членот 100 од ЗЕК, со што ќе се оневозможат прекумерно направени трошоци за користење на електронска комуникациска услуга во земјата и странство:

  • начин на контрола на трошоци како составен дел на претплатнички договор за вкупен сообраќај и
  • максимална вредност на трошоци од 1.000 денари за интернет во роаминг;
  • максимална вредност на трошоци од 3.000 денари за повици и пораки во роаминг
  • максимално времетраење на договорот од 24 месеци, без можност за автоматско продолжување на договорите- транспарентност (склучување на претплатнички договор по ценовник) и недискриминација (еднакви услови за исто поставени претплатници).

Со овој правилник исто така се поттикнува користење на електронска комуникација меѓу операторот и претплатникот, за што претплатникот треба да даде согласност и адреса за контакт е-пошта.

>>>„Промени на регулативната рамка во електронските комуникации во Република Македонија во 2014 година“ – Бојана Стефановска, соработник за правни работи во АЕК

>>>И припејд корисниците задолжително ќе потпишуваат писмен договор со операторот – АЕК пoдготви нови измени на регулативата

М.В/ veljanoskim@akademik.mk

4.2.2015