/ Прочитано:

1.322

Поголема контрола во продажбата на аранжмани на хотелските и ресторанските услуги за елиминирање на нелојалната конкуренција

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција нагласи дека некои од проблемите кои се наведени во предлозите за изменување и дополнување на законската рамка од туристичката област потребно е интервентно да се решат.

Едно од тие прашања е како да се елиминира нелојалната конкуренција во согласност со продажбата на хотелските и другите видови услуги за ноќевање преку светски познатите онлајн оператори во услови на нерегулирана категоризација на сите сместувачки капацитети кои постојат на пазарот и непостоење на регистри на објектите, освен за хотелите, информираше на денешната прес-конференција Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Во таа насока, со цел да се овозможи реална евиденција на бројот на туристи и ноќевања, што ќе значи и пореално евидентирање на девизниот прилив, како и други поволности со кои ќе се зголеми учеството и влијанието на туризмот и угостителството во домашната економија, предлагаме да се воспостави систем на контрола и следење на работата на сместувачките капацитети, во меѓусебна комуникација и соработка токму со светските онлајн оператори“, истакна Горан Дамчевски, заменик-претседател на Здружението при Комората.

Членките на Здружението не се против функционирањето на платформата на онлајн продажба, дотолку повеќе што и Македонија е пазарно ориентирана држава. При тоа, истакнуваме дека онлајн операторите се сериозни туроператори, преку кои во светски рамки се одвива продажбата на сместувачки капацитети во голем процент. Нивното постоење и функционирање и на македонскиот пазар има големо значење бидејќи процените на бизнис-секторот се дека околу 50 % од вкупниот обем на продажба на хотелските услуги се одвива преку ‘Букинг’“, истакна Михајловска-Василевска.

Бизнис-заедницата од угостителскиот сектор преку Стопанската комора на Македонија во насока на елиминирање на нелојалната конкуренција предлага да се преземат активности врз две основи:

  • да постои задолжителна категоризација и да постојат регистри за сите видови сместувачки капацитети на државно и на локално ниво и
  • да се воспостави директна соработка со светските онлајн туроператори за да се обезбеди систем на контрола на сместувачките капацитети на домашни субјекти кои се продаваат на пазарот.

Здружението на угостителството и туризмот укажува дека во моментов, освен категоризација на хотел, мотел, пансион и апартмани регистрирани од физички лица на локално ниво, не постои јавно достапна информација колку капацитети се регистрирани под други називи, надвор од оние што подлежат на категоризација, како: апартмани, преноќевалишта, резиденции, куќи за одмор, вили, планинарски домови, ловни домови и други форми, под чии називи се издаваат преку онлајн продажните оператори и при тоа постои само Регистар на хотели. На локално ниво  речиси и да не постојат регистри за физичките лица кои работат угостителска дејност. Туристичките бироа не функционираат, договорите со туристичките агенции не се видливи.

Во таа насока, членките на Здружението при Комората предлагаат Министерството за економија да воспостави директна соработка со светските онлајн  туроператори за да се обезбеди систем на контрола на сместувачките капацитети на домашни субјекти (правни и физички лица) кои се нудат за продажба и дали истите ги почитуваат критериумите. Ова пред сè е поради фактот дека секојдневно само на „Букинг“ се огласуваат над 600 сместувачки капацитети само во Скопје, или над 1.500 во цела Македонија. Голем број од апартманите се рекламираат со три и четири ѕвезди, а категоризација на апартмани не постои. Нема информација кои од овие субјекти работат како правни лица, дали плаќаат данок, дали имаат евидентирано вработени лица, дали пријавуваат во Заводот за статистика број на туристи, дали водат книги за евиденција на гости, дали се пријавуваат во МВР во согласност со законските прописи.

За разлика од системот на „Букинг“, каде што огласените објекти мора да работат во согласност со Законот, продажбата на сместувачки капацитети преку системот „Ербиенби“е поразлична и овозможува издавање и од физички лица, без притоа да имаат регистрација на угостителска дејност. Сепак, и едниот и другиот онлајн систем за продажба имаат интерес да постојат на пазарот и имаат поставени соодветни услови и критериуми за работа, кои, во согласност со светските искуства, се почитувани од сите страни во процесот.

Доколку се воспостави систем на следење и контрола, ќе се елиминира нелојалната конкуренција, ќе се намали сивата економија преку:

  • евидентирање и на туристите кои престојуваат во објекти кои се издаваат преку онлајн операторите;
  • вклучување на лицата кои работат во овие објекти во активен работен однос во секторот, со што и бројката на вработени во туризмот и угостителството би била поголема, а со тоа и приходите од туризмот и угостителството во буџетот по основ на плаќање на придонеси и даноци;
  • раст на приходите од вршење дејност преку плаќање даноци по разни основи, во согласност со закон, како и евиденција на девизниот прилив од туристичка дејност, што значи и поголеми приходи во буџетот. Крајно, подобриот систем на контрола и евиденција на угостителските објекти за ноќевање ќе даде пореална и позитивна слика на учеството на туризмот и угостителството во домашната економија преку бројот на туристи, приходи во буџетот, како и во делот на вработувањето.

M.В