/ Прочитано:

3.803

Полесно до средства од Фондот за иновации и технолошки развој

Сојузот на стопански комори на Македонија, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, со серија активности и обуки подетално ги информира компаниите за средствата што се достапни за развивање на иновативен производ, како и за старт-ап и спин-оф компаниите.

„Со цел компаниите подетално да се запознаат со инструментот кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф, во чии рамки се доделуваат финансиски средства до 30.000 евра, како и кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации во чии рамки се доделуваат финансиски средства до 100.000 евра, организираме заеднички активности и обуки во периодот што следува. Така, планирани се обуки за компании, а со цел поголема искористеност на средствата, во април е предвидено и понапредно ниво, за да им се посочи на апликантите каде да се фокусираат во насока на добивање на средствата. Од нашето искуство, финансиската поддршка за компаниите била клучна за нивниот бизнис, за развивање на иновативен производ, како и за пробивање на странските пазари. Развиените економии се потпираат врз силни иновативни компании, така се поттикнува развојот на општеството и секако, се отвораат нови работни места“,  вели Митко Алексов, извршен директор на ССК.

Директорката на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска, информира дека четвртиот повик на Фондот за иновации трае до 3 мај на полноќ.

„Фондот интензивно работи со корисниците и за време на имплементација на средствата, затоа што не е лесно, откако ќе ја добијат идејата, таа да се преточи во готов производ и да се најдат потенцијалните купувачи. Првиот инструмент е наменет за финансирање на новоосновани микро, мали и средни претпријатија со висок потенцијал за раст, а со цел развивање иновативни решенија и пренесување резултати од научните истражувања во комерцијални активности преку спин-оф претпријатијата. Се кофинансираат најмногу до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30 илјади евра. Услов е фирмата да не  е постара од шест години и да е во доминантна сопственост на македонски државјани. Поддршката преку овој инструмент ќе им биде доделена на проекти што имаат најмалку ‘потврден концепт’ (proof of concept) и јасна комерцијална амбиција. Инструментот поддржува проекти што се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза“, вели Поповска.

Инструментот за комерцијализација на иновации, пак, има за цел да поттикне зголемено истражување и развој на приватниот сектор, да ја охрабри соработката меѓу приватниот сектор и високообразовните и научните установи, како и други форми на соработка за комерцијализација на иновации.

М.В