/Прочитано:

1.566

Политиката за привлекување странски инвестиции не ги даде очекуваните резултати

Секоја од фирмите вработува на определено време, а тоа кај работниците создава страв од губење на работата. Во сите, освен во „Ван Хол“ даваат примери за мобинг, што е индиција за кршење на Законот за заштита од вознемирување на работното место. Во „Дрекслермаер“ и во „Кромберг и Шуберт“ работниците пријавиле случаи во кои не биле информирани за одредени здравствени ризици при работа. Работниците немаат никакво право за синдикално организирање, а уште помалку за организирање штрајк. Освен ова, Македонија во третиот квартал во 2016 година има остварено само 0,5 проценти од БДП од аспект на директните странски инвестиции или 12, 1 милион евра. Од овие причини, крајно време е да престане издвојувањето големи суми државни пари за привлекување и помагање странски инвестиции бидејќи парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка за странските фирми.

Бунарџик

Во изминатата декада Македонија спроведе серија мерки и реформи насочени кон привлекување странски инвестиции, кои со себе повлекуваа разни привилегии за странските компании. Во оваа трка за странски директни инвестиции не беше влезена само Македонија, напротив тоа беше регионална трка, во која земјите се натпреваруваа кој ќе понуди пониски даночни стапки и други поволности сè со цел привлекување на странските инвеститори. Но, податоците од научниот труд „Вистинската цена на евтината работна сила“ на авторот Бранимир Јанковиќ од  Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, се поразителни. Тие покажуваат дека Македонија во третиот квартал во 2016 година има остварено само 0,5 проценти од БДП од аспект на директните странски инвестиции или 12, 1 милион евра.

„Студијата го опфаќа периодот од 2007 до 2015 година. Странските фирми кои ќе решеа да инвестираат во Македонија, добиваа бројни поволности и привилегии, како на пример, целосно ослободување од даноци (од персонален данок, од данок на доход, од данок на добивка, целосно ослободување од царини и од други увозно-извозни давачки…). Според нашите анализи, директните трошоци за овие политики се 160 милиони, а директните ефекти се 12 600 вработувања за просечна нето-плата од 260 евра. Сумата за платите на сите вработени во странските компании изнесува 92 милиони евра, додека вкупната нето-добивка за фирмите изнесува 235 милиони евра, што е за два и пол пати повеќе од платите на работниците. Ова се показатели што треба да креираат сосема нови политики, односно сметаме дека треба да престане издвојувањето големи суми државни пари за привлекување и помагање странски инвестиции бидејќи со оваа политика парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка за странските фирми“, истакна Јанковиќ.

Тој вели дека во студијата се анализирани 25 странски компании кои добиле државна помош, а во пет од нив („Дрекслермаер“, „Кромберг и Шуберт“, „Џонсон контролс“, „Ван Хол“ и „Џонсон Мети“) е направено истражување за условите во кои работат работниците, како и истражување за работничките права.

„Во сите овие компании се забележани индиции за кршење на одредени работнички права, кои се заеднички за сите овие компании. Секоја од фирмите вработува на определено време, а тоа кај работниците создава страв од губење на работата. Во сите, освен во „Ван Хол“ даваат примери за мобинг, што е индиција за кршење на Законот за заштита од вознемирување на работното место. Во „Дрекслермаер“ и во „Кромберг и Шуберт“ работниците пријавиле случаи во кои не биле информирани за одредени здравствени ризици при работа. Конкретно, дел од работниците не биле информирани дека каблите со кои работат биле премачкани со отров против глувци, а тоа е индиција за прекршување на Законот за безбедност и здравје при работа. Нотиравме и ограничување на слободата на разговарање со други работници или со новинари и истражувачи за работните услови. Освен тоа, во „Дрекслермаер“ и во „Џонсон контролс“ констатиравме и ограничување на слободата за одење во тоалет, а тоа е прекршување на основните човекови права кои се гарантирани со Уставот на Република Македонија“, истакнува Јовановиќ.

Научниот труд, меѓу останатото, открива и дека работниците немаат никакво право за синдикално организирање, а уште помалку за организирање штрајк. Во оваа насока, како што посочува авторот, потребна е промена во законската регулатива со цел олеснување на работничко организирање.

„Освен оваа препорака, сметаме дека е потребно да се скрати максималниот период на вработување со договори на определено време, со што ќе се намали можноста за отпуштање на работниците, а со тоа и стравот од губење на работата. Потребно е да се укинат и рестриктивните одредби на организирање на штрајк во многуте закони, со што ќе се олесни ова право на работниците и ќе се намали можноста за санкционирање. Исто така, потребно е и законски да се олесни синдикалното регистрирање, со што на работниците ќе им стане полесно да се организираат во синдикат“, вели Јовановиќ.

А. Б.