Полицајци од ФРОНТЕКС ќе вршат оперативни активности на териториите на Македонија и Србија
Европската комисија предводена од Жан-Клод Јункер ги избра Македонија и Србија како приоритетни држави од државите што не се членки на Европската Унија, а денеска побара од Европскиот совет да одобри отпочнување преговори со македонските и српските власти за добивање дозвола за изведување операции на тимовите на оваа агенција против мигрантскиот наплив.
Европската Унија ги избра Македонија и Србија како земји на чија територија Агенцијата за европска граница и крајбрежна стража „ФРОНТЕКС“ ќе може да врши оперативни активности во насока на спречување на нелегалната миграција и враќање на мигрантите.
Европската комисија подготви Договор на статус-модел за приоритетна оперативна соработка со трети земји, кој беше усвоен од страна на Европската комисијата во ноември 2016 година. Комисијата предводена од Жан-Клод Јункер ги избра Македонија и Србија како приоритетни држави од државите што не се членки на Европската Унија, а денеска побара од Европскиот совет да одобри отпочнување преговори со македонските и српските власти за добивање дозвола за изведување операции на тимовите на оваа агенција против мигрантскиот наплив.
Агенцијата за европска граница и крајбрежна стража наскоро ќе биде целосно оперативна. Веќе во првите три месеци од нејзиното формирање завршени се најважните фази кои се однесуваат на задолжителна мобилизација на граничари подготвени и опремени за брза реакција, како и создавање на тимови за интервентно враќање на мигрантите. Тие можат да бидат распоредени како поддршка на земјите членки на Европската Унија кои имаат примарна улога и надлежност за зајакнување на контролата на надворешните граници.
Инаку, 1 550 полицајци од Агенцијата за европска граница и крајбрежна стража веќе се распоредени како поддршка на надворешните граници на земјите членки на ЕУ и тие се всушност надополнување на постојните национални капацитети на земјите членки кои располагаат со повеќе од 100 000 гранични полицајци.
Според еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, заедничката инвестиција и ангажманот на земјите членки на Европската Унија за обезбедување на границите, како и забрзаните активности за оспособување на Агенцијата за европска граница и крајбрежна стража за целосна оперативност, ја отсликуваат посветеноста на земјите членки на Европската Унија за споделување на одговорноста особено кога станува збор за проблемот со бегалскиот и мигрантскиот бран со кој се соочува Европа во последните две години.
А. Б.