/ Прочитано:

1.634

Полициската палка добива законско засилување: Гумени куршуми за обезбедување јавен ред и мир

Среда, 24 декември 2014 – Полициската палка добива законско засилување: Гумени куршуми и електричен парализатор за обезбедување јавен ред и мир. Ова се предвидува во предложените законски измени на Законот за полиција, со кои, како што наведуваат од МВР, се врши содржинско допрецизирање на одредбата на членот 91 од Законот за полиција, чиј предмет на уредување е употребата на средства за присилба спрема група.

МВР: Практика која постои години наназад

 „Во таа смисла, се врши дополнување на средствата за присилба кои можат да се употребат под услови и на начин утврдени со наведениот закон (електричен парализатор, гумен куршум, специјални возила за јавен ред и мир и приотехничко-експлозивни средства). Во основа, се работи за средства за присилба кои во согласност со досегашната практика не претставуваат новина во работата и во постапувањето на полицијата, односно дел од нив се користат години наназад и од тие причини нивното нормирање во рамки на законските одредби што го регулираат овој сегмент од полициското работење е неоходно и значајно“ велат од МВР.

Употребување средства на присилба во нарушен јавен ред и мир во поголем обем

Според предложените измени, во членот 5 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, при воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, полицискиот службеник е овластен да упати наредба до групата да се разотиде. Ако групата не се разотиде, дозволена е употреба на следните средства за присилба: физичка сила; полициска палка; електричен парализатор; хемиски средства; гумен куршум; службени кучиња; специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства.

Видеоснимање

„Покрај овие средства на присилба, со членот 9 од Законот, чие донесување се предлага, се врши нормирање на употребата на технички средства за видеоснимање при преземање на дејствија во рамките на полициските овластувања. Со предложената одредба се предвидува можност полицијата да употреби технички средства за видеоснимање, со кои ќе се обезбеди снимен материјал (видеозапис) за начинот на кој се презема конкретно дејствие во рамки на примената на полициските овластувања од страна на полициските службеници. Снимениот материјал треба да овозможи унапредување на степенот на основаност на преземените дејствија од страна на полициските службеници, со цел легитимно и соодветно постапување на припадниците на Министерството за внатрешни работи при примената на полициските овластувања утврдени со Законот за полиција“, наведуваат од МВР.

Како што дополнуваат оттаму, со видеозаписот за начинот на кој е преземено полициското дејствие ќе се спречи можноста од евентуални злоупотреби односно пречекорување на овластувањата од страна на полициските службеници.

Снимениот материјал ќе се чува во Полицијата шест месеци

„Во овие рамки, снимениот материјал е предвидено да се чува во Полицијата шест месеци, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој е предвидено да се постапува во согласност со закон“, велат од МВР.

Се нормира употребата на посебен вид опрема

Во врска со употребата на посебни видови оружје и експлозивни средства од страна на полициските службеници, од МВР истакнуваат дека законските измени се во функција на прецизирање на текстот и употребата на посебни видови оружје и експлозивни средства во точно определени случаи, на начин што во предметните членови ја нормира употребата на посебен вид опрема која е соодветно пропишана со Одлуката за видот на вооружувањето на Полицијата и опремата на полициските службеници (,,Службен весник на РМ“, бр.79/07).

Каков е видот на вооружувањето и опремата на Полицијата во согласност со прописите ?

Според Одлуката за видот на вооружувањето на Полицијата и опремата на полициските службеници од 2007 година,  вооружувањето на Полицијата, во зависност од полициските работи кои ги врши, е составено од:

-пиштол; – револвер; – кратко автоматско оружје; – долго полуавтоматско оружје; – долго автоматско оружје; – сигнално оружје; – кратко и долго оружје за испалување на хемиски средства, ракети, гранати, мини, гумени куршуми, и друг вид на муниција и проектили; – минско експлозивни и пиротехнички средства; – самострел; – пригушувач на звук од оружје и – прибор и муниција. Опремата на полициските службеници во зависност од полициските работи кои ги вршат е: – гумена палка; – палка за интервенција; – средства за врзување; – батериска лампа; – заштитен панцирен елек; – тактички елек; – заштитна кошула; – заштитен шлем; – заштитна маска; – кацига со визир и штитник за брада; – штитници за одделни делови на телото; – заштитен штит; – ракавици; – комплет прибор за јадење; – шаторско крило; – вреќа за спиење; – ранец; – подметач за вреќа за спиење; – свирче; – фосфорен елек; – мегафон; – комплет за прва помош; – средства за зашеметување и привремено онеспособување; – опрема за насилно влегување во просторија; – направа за присилно запирање на моторни возила; – заштитна ограда; – стоп палка; – полициски опасач, футрола за пиштол, футрола за муниција, футрола за средства за врзување, футрола за средства за зашеметување и привремено онеспособување, футрола за клучеви, футрола за радио врска, држач за палка, држач за батериска ламба, футрола за мултифункционален алат и друго; – футрола за пиштол за прикриени активности; – торба со футрола за топографски карти; – мултифункционален алат (Гербер); – нож; – рачна бусола; – уред за сателитска навигација ГПС; – личен систем за носење и пиење вода и – рачни уреди за денско и ноќно набљудување. M.В