Помилувањата на Иванов повторно актуализирани
Уставниот суд поведе постапка за членот 11-а од Законот за помилување. Во оспорениот член 11-а се пропишува дека претседателот на Републиката може во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување. Претседателот не е должен да ја образложи одлуката.
Лицето за кое е донесена одлука за помилување, се пропишува понатаму во членот, има право до претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување. Претседателот на Републиката е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето да ја поништи донесената одлука.
Измените на Законот за помилување, со додавање на членот 11-а, беа направени во 2016 година по реакциите на јавноста за помилувањата дадени од страна на Иванов на повеќе политичари против кои беа поведени истраги. Целта на Законот, беше посочено при донесувањето на измените, е создавање на правна основа за поништување на помилувањето дадено од претседателот на Републиката без претходна постапка, во утврден рок без должност за образложение.
Според Уставниот суд, со воведувањето на можноста за поништување на даденото помилување во оспорениот Закон се доведува во прашање неговата согласност со принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните предвиден со член 8 од Уставот.
Инаку, претседателот Иванов го образложи помилувањето на политичарите против кои беше поведена истрага како чин со кој ќе се стави крај на политичката криза.
„Со намера да придонесам во решавањето на кризата и релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, а свесен за последиците за државата и граѓаните ако ништо не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија“, истакна Иванов во обраќањето во врска со помилувањата.
Според толкувањата, ако Уставниот суд ја прифати иницијативата, ќе се активираат амнестиите за педесетина осомничени, обвинети и сведоци во постапките на СЈО.
Во врска со одлуката на Уставниот суд, која се однесува на измените од 2016 година, денеска се огласија и министерката за правда и претседателот на државата.
Министерката за правда истакна дека Собранието треба да даде автентично толкување на членот 11-А од Законот за помилување, со што нема да се остави можност за избегнување на правдата. Таа нагласи дека Министерството за правда ќе поднесе иницијатива до Владата да побара автентично толкување од Собранието.
Според Пендаровски, иницијативата на уставните судии е директен напад врз демократијата. Според Павле Трајанов, одлуката на Уставниот суд е театар на апсурдот, додека пак според адвокатот Тортевски целта на одлуката е да се спасат од кривичен прогон обвинетите и осомничените за злоупотреби.
Уставниот суд в среда ќе ја разгледува уставноста на помилувањата
АБОЛИЦИЈА: Од помилувањето до поништувањето на одлуките
Претседателот Иванов ги поништи и преостанатите одлуки за помилување
Претседателот Иванов ги повлече одлуките за аболиција на 22 политички експонирани лица
ИВАНОВ: Сè уште нема правна основа за повлекување на одлуките за аболиција
По повикот на Иванов, Кабинетот ги примил првите барања за повлекување на одлуките за помилување
Одлуките на Иванов се незаконити, коментираат професори, адвокати и поранешни уставни судии
ОБЈАВЕНИ ПОМИЛУВАЊАТА: Груевски, Мијалков, Црвенковски, обвинители во СЈО
(ОБНОВЕНО) ОДЛУКА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ: Прекин на сите постапки против политичари
М.В