/ Прочитано:

1.634

Поништени одлуките за помилување на Груевски, Заев, Мијалков, Јанкулоска и неколку функционери од локалната власт

На листата на лица за кои повторно се овозможува кривичен прогон се најдоа имињата на поранешниот премиер, Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Кривичен прогон повторно е овозможен за поранешните министри за транспорт и врски и внатрешни работи, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, кои беа осомничени во предметот „Титаник“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство.

Untitled 1

Одлуките за поништување на Одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, кои во петокот ги донесе претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, се однесуваат на 22 лица.

На листата на лица за кои повторно се овозможува кривичен прогон се најдоа имињата на поранешниот премиер, Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Кривичен прогон повторно е овозможен за  поранешните министри за транспорт и врски и внатрешни работи, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, кои беа осомничени во предметот „Титаник“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство.

Одлуката за помилување е поништена и за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешниот претседател Бранко Црвенковски, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски, советникот во Владата, Мартин Протоѓер, членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими, како и функционерите од локалната власт Коце Трајановски и Ирена Мишева од Град Скопје, Тони Трајковски, градоначалник на Општина Гази Баба, градоначалникот на Битола, Владимир Талески и поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ.

Покрај за Заев, кој е обвинет во предметите „Поткуп“ и „Пуч“ со поништување на одлуката за помилување повторно е овозможен кривичен прогон за поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски и службеникот во Општина Струмица, Бранко Палифров, кои исто така се обвинети во случајот „Пуч“.

И за директорот на затворот „Идризово“, Живко Пејковски е поништена одлуката за помилување, а без помилување останаа и високиот функционер во МВР, Тони Јакимовски, како и членот на општинската изборна комисија во Чаир, Исмет Гури.

„Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување, донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно дваесет и двајца. Сите други лица, во согласност со законските измени, имаат можност  да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки“, рече Иванов во петокот во своето обраќање.

Според објавата во „Службен весник“, одлуките за поништување на помилувањето се донесени: Врз основа на член 84 став 1, алинеја 9 од Уставот на Република Македонија, член 1 од Законот за помилување и членот 11-а став 1 и 2 од Законот за дополнување на Законот за помилување, а во врска со член 114 став 1 од Кривичниот законик.

Минатата недела, откако Собранието продолжи со работа, беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за помилување кои предвидуваа Претседателот во рок од 30 дена од донесувањето на Законот да ги повлече одлуките за аболиција за оние кои ќе го побараат тоа.